Бугарскиот премиер Бојко Борисов на својот Фејсбук профил објави дека добил негативен тест на Ковид-19 и ќе може денеска да се сретне со македонскиот премиер Зоран Заев и заедно да претседаваат со Самитот за западен Балкан на Берлинскиот процес.
– Негативен сум на Ковид-19. Тоа го покажа вториот последователен тест. Со согласност од здравствените власти можам да се сретнам со премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев и да ја водиме Средбата на врвот на Берлинскиот процес, пишува Борисов на ФБ.
Борисов и Заев денеска ќе претседаваат со Самитот на Берлинскиот процес, кој заради пандемијата со Ковид-19 ќе се одржи преку видео конференциска врска. На Самитот ќе учествуваат германската канцеларка Ангела Меркел, на чија иницијатива започна и се спроведува Берлинскиот процес, претставник на Европската Комисија, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ.
На пленарната сесија на Самитот се очекува да учествуваат лидерите на земјите од Западен Балкан, како и заменик-претседателот на Европската комисија Жозеп Борел и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.