Преку петиција се бара пункт за тестирање за Ковид-19 во Делчево – ММС
ММС

Објавено на: 11/9/20 4:29 PM

Преку петиција се бара пункт за тестирање за Ковид-19 во Делчево

Невладината организација „КХАМ” од Делчево преку петиција бара отворање пункт за тестирање за Ковид-19. За таа цел, како што информираше програмскиот координатор Зоран Биковски, веќе се собрани 200 потписи, кои ќе бидат предадени до Советот на Општина Делчево. Согласно барањето како што додаде Биковски се охрабруваат надлежните петицијата да ја проследат до Министерството за здравство.
-Невладината организација „КХАМ” Делчево како член на комисиите за „Унапредување на правата на пациентите” и „Комисија на социјална заштита”, достави барање до Советот на општина Делчево, да се отвори Пункт за тестирање за Ковид-19 во склоп на Здравствен Дом „Гоце Делчев” – Делчево. Сметаме на поддршка на иницијативата која ја потпишаа 200 граѓани во рок од 2 часа. Пунктот може да функционира како Центар за Делчево, Берово и Пехчево, кои исто така се со сериозна оддалеченост од Кочани и Штип. Тестирањето може да биде и еднаш неделно, доколку не се итни случаеви. Итните случаеви ги транспортира Здравствен Дом Делчево, истакна Биковски.
Истовремено од оваа организација излегоа со барање до Здравствениот дом Делчево и градоначалникот за повторно профункционирање на проектот „Мој Специјалист”.
-Сметаме дека има услови во Делчево под сите протоколи да се спроведуваат прегледи од ортопед, уролог и кардиолог специјалист. Ова е од суштинско значење за жителите на Делчево и нивното здравје. Сигурно знаете дека НВО „КХАМ” даде силен придонес да се обезбеди Ехо со кардио сонда, донација од Јапонската Амбасада, а обврска на Здравствен Дом Делчево беше да обезбеди Специјализација или Специјалист кој стручно ќе го користи. До сега од реализација на ветувањето поминаа скоро 3 години без никакви резултати, додаде Биковски.

Од НВО „КХАМ” исто така побараа средствата предвидени за китење на градот за новогодишните празници и други разни прослави со ребаланс да се пренаменат за хуманитарни пакети за погодените семејства од КОВИД 19, како и за организирање на превоз за лицата кои не можат да си дозволат тестирање во други општини.
Валери Спасевски