Бајден: Ќе бидам претседател кој нема да разделува, туку ќе обединува – ММС
ММС

Објавено на: 11/8/20 9:55 AM

Бајден: Ќе бидам претседател кој нема да разделува, туку ќе обединува

Џо Бајден, во својот прв јавен говор по објавата на неофицијалните резултати од изборите во САД, рече дека неговата цел ќе биде да ја обедини нацијата.

„Ветувам дека ќе бидам претседател кој не сака да разделува, туку да обединува. Кој не гледа црвени и сини држави, туку Соединети Американски Држави“, рече Бајден додавајќи дека е време да се стави крај на острата реторика и да се намали температурата.

Тој посочи дека не е можно да се поправи економијата, да се врати виталноста или повторно да се уживаат „најдрагоцените моменти во животот – гушкање внуче, родендени, свадби, матури, сите моменти што ни се најважни – сè додека не се стави под контрола овој вирус“.

„Верувам дека ова е дел од мандатот од американскиот народ. Тие сакаат да соработуваме. Тоа е изборот што ќе го направам. И го повикувам Конгресот – демократите и републиканците – да го направат тој избор со мене“,  рече Бајден.

Џо Бајден, заедно со потпретседателката Камал Харис, која е првата жена потпретседател во САД, на изборите добија над 74 милиони гласови, најмногу во историјата на земјата. Броењето на гласовите во одредени држави сè уште трае.

Неговиот противник и актуелен претседател Доналд Трамп, на Твитер напиша оти смета дека Џо Бајден не е победник на овие избори и најави дека од понеделник неговата кампања ќе ја бара правдата на суд.

„Џо Бајден не е победник во ниту една сојузна држава, уште помалку во некои од  оспоруваните држави каде задолжително ќе се пребројуваат гласовите или државите каде што нашата кампања легитимно ќе ги оспори резултатите што може да го одреди крајниот победник“, напиша Трамп.