Повеќе од 24 часа без вода за пиење останува 80% од Штип – ММС
ММС

Објавено на: 11/7/20 10:56 AM

Повеќе од 24 часа без вода за пиење останува 80% од Штип

И претпладнето населбите од Штип, кои се на десната страна на градот и таму се без вода. Тоа се населбите Баби,  8-ми Ноември, населбата Сењак, Исарот, Ново Село, како и жителите на улиците „Карл Маркс“, „Борис Кидрич“, околните улици како и индустрискиот дел од градот.

-И покрај големите заложби на вработените во РЕ Водовод до раните утрински часови дефектот не можеше да се отстрани, екипите се сеуште на терен и прават се за нормализирање на водоснабдувањето, информираат од ЈП  „Исар“ од Штип, кое е задолжено за водоснабдувањето.

Претходно вчера „Исар“ информира дека поради настанат дефект на главна водоводна линија во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот  е сопрена испораката на вода за пиење, со цел да се санира дефектот на главната турбина што ја доставува водата за споменатите делови од градот. Доколку не може да се санира, од ЈП најавуваат дека ќе мора да се купи делот кој чини над еден милион денари.

Вчера, според в.д. градоначалникот Јане Миланов се направил обид да се пушти вода, меѓутоа, спојките не го издржале притисокот, по што поправката тргнала од ново.

Во градот се распоредени три цистерни со техничка вода и две со вода за пиење. И натаму се работи на отстранување на дефектот.

Граѓаните се револтирани, бидејќи втор ден се без вода, и тоа само неколку дена откако целиот град остана без водоснабдување. Без вода е поголемиот дел од градот во време на пандемија и деновите на задушница.

-Веќе втор ден од вчера во шест часот сме без вода за пиење. Никој во „Исар“ не одговара на телефонските повици, ниту имаме информација кога ќе се отстрани дефектот, пиша до ММС жителка на Штип од населбата „Железничка“, каде како што вели речиси секојдневно нема вода меѓу седум и 17 часот.

Граѓаните реагираат дека цистерни со вода не се доволни да се покријат сите потреби на граѓаните. Продавниците полека ги трошат последните резерви со флаширана вода.