Чавушоглу: Ја поздравуваме одлуката на ЕУ да започне пристапни преговори со Скопје и Тиранa – ММС
ММС

Објавено на: 11/6/20 1:54 PM

Чавушоглу: Ја поздравуваме одлуката на ЕУ да започне пристапни преговори со Скопје и Тиранa

Не можеме да пронајдеме решение за нашите проблеми градејќи ѕидови на нашите граници, порача денеска во Анталија, министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, за време на обраќањето на неформалниот состанок на министри за надворешни работи на членките на Процесот за соработка во југоисточна Европа (SEECP), јавува Агенција Анадолија (АА).

Чавушоглу се заблагодари на претставниците на сите земји учесници на состанокот, а ја искористи можноста да изрази и сочувство до семејствата на загинатите во земјотресот во Измир, како и за терористичките напади во Франција и Виена.

Тој изјави дека како земја која со години се бори против терористичката закана, се солидарни во борбата против сите видови тероризам.

Зборувајќи за целите на денешниот состанок, Чавушоглу напомена дека целта е секако јакнење на соработката.

„Приоритетите ги поставуваме земајќи ги предвид нашите заеднички предизвици како одлив на мозоци, внатрешно регионалната поврзаност, миграциите и трговијата. Тие прашања се наши заеднички проблеми и затоа бараат заеднички решенија“, изјави Чавушоглу.

– Пандемијата уште еднаш потсети на важноста на глобалната и регионалната соработка –

Осврнувајќи се и на прашањето за пандемијата на Ковид-19, шефот на турската дипломатија констатира дека целиот свет поминува низ тежок тест.

„Нашите сектори како здравство, социјална безбедност, превоз, туризам, образование, беа негативно погодени. Благодарение на нашите навремени вложувања и реформи во здравствениот сектор успеавме во кратко време ефикасно да одговориме на пандемијата. Домашните респиратори ги произведовме во неколку недели. Пандемијата уште еднаш нѐ потсети на важноста на глобалната и регионалната соработка. Во рамките на нашата хуманитарна надворешна политика одговоривме на барањата за медицинска опрема на 155 земји. Помогнавме на граѓаните на 91 земја во многу операции на евакуација. Го преживеавме првиот бран со голема одлучност. Подоцна нашиот живот и економијата ги приспособивме на новата нормалност“, изјави Чавушоглу.

Тој додаде дека концептот на безбеден туризам е успешно применет во Турција и изјави дека неговата земја на тој план е подготвена да ги сподели сопствените искуства.

Нагласи и дека во иднина би можело да се воспостави регионален механизам за управување со вонредните ситуации за слични предизвици, и додаде:

„Предлагам воспоставување на постојан механизам на соработка меѓу нашите центри за координација на епидемијата. За да избегнеме доцнење во нашата регионална транспортна и трговска мрежа, мораме да реализираме повеќе проекти како Зелените коридори. Не можеме да пронајдеме решение за нашите проблеми градејќи ѕидови на нашите граници. Напротив, мораме да ја зголемиме поврзаноста и да ги зајакнеме синџирите за снабдување. Мора да се надминат проблемите со квотите, особено во патниот транспорт. Патот до просперитет е повеќе низ трговијата, вложувањето и интеракцијата, а воведување на ограничување на тоа на сите би направило штета“, смета Чавушоглу.

Полноправното членство во ЕУ е стратешки приоритет

Тој се осврна кратко и на процесот на интеграции во ЕУ и изјави: „Ја поздравуваме одлуката на ЕУ да започне пристапни преговори со Скопје и Тирана, кои во основа доцнат. Се надеваме состанокот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес и Самитот на лидерите, чии домаќини ќе бидат Софија и Скопје на 9 и 10 ноември, да вродат со плод.“

Тој изјави дека го смета погрешен терминот за раздвојување на Западен Балкан и Турција, кој, според неговите зборови, настојува да се формира во политиката на проширување на ЕУ, а со кој се занемарува кандидатскиот статус на Турција.

„Како што може да се види во дискусиите за Тирана и Скопје, некои членки на ЕУ го ставаат процесот на проширување под хипотека поради своите национални програми и билатерални проблеми. Всушност, тоа кај нас се случува веќе 15 години. Полноправното членство во ЕУ е наш стратешки приоритет. Меѓутоа, ЕУ исто така мора да биде визионер и да се држи на своите начела и ветувања“, заклучи Чавушоглу.

На состанокот во Анталија присуствуваат министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Албанија, Србија , Босна и Херцеговина, Хрватска и Молдавија.