Политички потрес на Косово: Тачи, Весели и Селими се во Хаг. Како реагираат на тоа во Србија, дали судењето на косовските лидери ќе придонесе за процесот на помирување и како тоа ќе влијае на дијалогот Белград-Приштина?
Обвинението против Хашим Тачи, Кадри Весели и Реџеп Селими пред Специјалниот суд во Хаг предизвика скромна реакција на политичарите во Белград, но големо внимание во медиумите:
„Змијата конечно падна?“, „Наскоро на обвинителна клупа за злосторства против Србите“, „Списокот на злосторства за кои се товарат лидерите на лажната држава“, „Терористите наскоро пред судија“, „Косово се ослободи од змиите“, „Тачи подготвува елиминација на сведоците“ … Ова се само дел од насловите на српските медиуми во врска со обвинението против Тачи, Весели и Селими.
Но, за разлика од медиумите од самиот врв на српските власти немаше многу реакции.
Дачиќ: Да ги оставиме обвинителството и судот да си ја вршат својата работа
Обвиненијата ги коментираше претседателот на парламентот на Србија, Ивица Дачиќ, кој вели дека „Србија може само да го поздрави само фактот дека судот започна да работи на својата обврска – да суди за злосторства извршени од страна на ОВК против Србите“.
Тој додаде дека „во последната година има голем притисок од Приштина да се укине тој суд и да се врати од Хаг во Приштина, додека Србија била конструктивна во истрагата на воените злосторства, без оглед кој ги извршил. Злосторствата против Србите треба да бидат казнети. Не треба да се радуваме, туку да ги оставиме обвинителството и судот да си ја работат својата работа “, рече Дачиќ.
Во изјава за медиумите Милован Дрецун, претседател на одборот за Косово и Метохија во српскиот парламент, истакна оти „сега најважно е дека процесот на утврдување на вистината за злосторствата извршени од терористичката ОВК и казнувањето на одговорните е неповратен и дека се одвива во вистинската насока “.
Дрецун, исто така, наведе „дека ќе видиме дали обвиненијата вклучуваат и злосторства против Србите или тие ќе одговараат само за злосторства против Албанци“. Ова е основната забелешка и на Здружението на семејства на жртвите од Косово и Метохија, кое проценува дека „обвиненијата се поднесени само поради албански жртви и оти Тачи и Весели нема да одговараат за злосторства против Србите, исто како што не одговараа ниту Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај“.
ЕУ го поддржува Специјалниот суд
Европска унија соопшти дека силно го поддржува Специалниот суд и Обвинителството во врска со Косово. „Тоа е клучен елемент за напредокот на Косово на европскиот пат и за ангажман на ЕУ на целиот Западен Балкан“, изјави Петер Стано, портпарол на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.
Се огласи и Меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести интернешнал која оценува „дека обвинувањето против косовскиот претседател Хашим Тачи претставува надеж за жртвите на косовската војна да се дознае вистината за злосторствата“.
Подигнувањето на овие обвинувања ги прокоментира и претседателот на движењето Ослободување, Млаѓан Ѓоргевиќ. „Обвинувањата против Хашим Тачи и Кадри Весели се уште еден доказ дека режимот на Александар Вучиќ осум години преговара за судбината на Косово со воените злосторници“, вели тој.
Крај на епохата на Тачи
Веста дека против косовските лидери Хашим Тачи и Кадри Весели е подигнато обвинение во Хаг, за ДВ ја коментира новинарот Миливоје Михајловиќ, како случај кој „ќе доведе до сериозни политички потреси на Косово. Со заминувањето на Тачи и на Весели во Хаг, од Косово ќе отиде и една политичка гарнитура која од војната излезе со калашникови и потоа оствари целосна контрола и власт и подземје на Косово. Најверојатно за почеток тоа ќе заврши со предвремени избори, и тука партијата Самоопределување е фаворит“, оценува Михајловиќ.
Заминувањето во Хаг на двајцата косовски лидери секако ќе влијае на дијалогот меѓу Белград и Приштина. „На ваков начин се завршува ‘епохата на Тачи’ во бриселскиот дијалог. Тоа беше време кога во Брисел нешто се договараше и потпишуваше, а ништо не беше имплементирано. Поради тоа верувам дека доаѓа некое друго време на сериозни разговори, и мислам оти и тука можеме да очекуваме некој бенефит кога е во прашање стабилноста во целиот региони“, вели Михајловиќ.
Воени злосторници или нови херои?
Белград смета дека целата приказна околу Специјалниот суд пред сѐ ја форсираат САД. Поради тоа сега се анализира дилемата дали промената во раководството на Америка и можната победа на Џо Бајден би предизвикале промена на ставот во однос на работата на овој суд.
Михајловиќ вели дека тоа нема да се случи, и оти тоа е сериозен суд, но и дека, според негово мислење сега се можни две сценарија.
„Првото е дека судот ќе ја заврши својата работа на некој начин чесно. Тоа значи оти ги има добро подготвено обвинувањата и доказите, подготвил и заштитил сведоци, и дека тоа ќе се заврши на еден чист начин. И второто е оти Тачи ќе прелета низ судницата во Хаг, и дека тоа на некој начин ќе биде перење на неговата биографија. Тоа би ја отежнало состојбата на Косово по моделот на Рамуш Харадинај кој одеше во Хаг и оттаму се враќаше како нов херој“, смета Михајловиќ.
Придонес за процесот за помирување?
Појаснувајќи ја својата проценка дека Албин Курти е фаворит на евентуалните вонредни косовски избори, и како тој момент би влијаел на дијалогот, Михајловиќ вели дека тој е подобар преговарач. „Тој е потврд преговарач од Тачи, но истовремено покажа оти е сериозен борец против криминалот на Косово. Мислам дека тоа општество е уморно и од војни и од криминал, така што сметам дека дијалогот со него би бил почист, поотворен – можеби дури и потежок – но, сепак поплоден“.
Миливоје Михајловиќ секако смета дека најновите обвиненија ќе допринесат за процесот на помирување и мир во регионот. „Мислам оти и косовското општество, тука пред сѐ мислам на албанската заедница, ќе почувствува некој вид олеснување доколку процесите се завршат чесно и чисто“, заклучува тој.