По оставката на Тачи, Вјоса Османи вршител на должноста претседател на Косово – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/20 4:25 PM

По оставката на Тачи, Вјоса Османи вршител на должноста претседател на Косово

Во согласност со уставните обврски, по оставката на претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателката на косовскиот Парламент, Вјоса Османи, официјално ја презеде функцијата вршител на должноста претседател на Косово, пренесува агенцијата Анадолија (АА).

Информацијата преку соопштение ја потврди Претседателството на Косово.

Во соопштението се истакнува дека примопредавањето е извршено во присуство на персоналот на Претседателството и претседателката на косовскиот Парламент.

Се оечкува в.д. претседателката на Косово, Вјоса Османи, во текот на денот да има свое обраќање.

Уставот на Косово предвидува дека функцијата в.д. претседател на Косово, во случајот Вјоса Османи, не може да се извршува во период подолг од шест месеци, додека мандатот на Тачи завршува во април 2021 година.

Хашим Тачи денес поднесе оставка од претседателската функција откако Специјализираните совети при Специјалниот суд, со седиште во холандскиот град Хаг, го потврди обвинението против него, со цел, како што нагласи, да се заштити интегритетот на Претседателството на Република Косово, интегритетот на косовската држава, интегритетот и достоинството на граѓаните на Косово, почитувајќи го и партнерството со меѓународната заедница.