Хашим Тачи оди во Хаг, поднесе оставка од функцијата претседател – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/20 12:55 PM

Хашим Тачи оди во Хаг, поднесе оставка од функцијата претседател

Досегашниот претседател на Косово, Хашим Тачи, поднесе оставка од функцијата откако Специјалниот суд во Хаг го потврди неговото обвинение.

Тачи во Хаг ќе оди доброволно, заедно со претседателот на Демократската партија на Косово и некогашен шеф на тајната информативна служба на ОВК, Кадри Весели, обвинет за воени злосторства.

Во обраќањето кон јавноста, Тачи изјави дека на овој потег се одлучил за да го заштити интегритетот на државата.

-Со цел да го заштитам интегритетот на Косово, почитувајќи го партнерството со меѓународната заедница, денес поднесувам оставка од местото претседател. Се чувствувам многу горд на одговорноста која ја сносувам. Во овие нови околности ги повикувам политичките сили да бидат внимателни и да не ја продлабочуваат институционалната криза, бидејќи земјата нема време за губење и мора да одржи смиреност, изјави Тачи.

Обвинението против Тачи, Весели и уште деветмина припадници на ОВК, судот во Хаг го покрена на 24 април годинава. Тие се обвинети за воени злосторства на Косово, меѓу кои се наоѓаат и приближно 100 убиства на цивили од српска, албанска и ромска националност.