Нов рекорд на ширење на корона вирусот во Тиквешијата покажува денешната статистика од Центарот за јавно здравје во Кавадарци за изминативе 24 часа. Само во Кавадарци се дијагностицирани 39 нови позитивни случаи на корона вирус.
„Позитивните се на возраст од 8 до 86 години. Меѓу нив има 2 здравствени работиници и ученик, второ одделенец во кавадаречко основно училиште. Во изолација се 18 ученици и 2 наставници. Исто така меѓу позитивните има и наставничка од подрчачно училиште во Кавадарци, поради што во изолација се 7 ученици“ информира епидемиолог д-р Ристе Јовановски.
Во Неготино се дијагностицирани 11 нови случаи на возраст од 26 до 76 години, меѓу нив и еден здравствен работник, а во Демир Капија еден случај на возраст од 60 години.
На ковид одделот во кавадаречката болница хоспитализирани се вкупно 33 пациенти со средно -тешка клиничка слика. Сите се во стабилна состојба.
Од болницата исто така информираа дека 26-годишното момче од Кавадарци кое почина вчера било донесено кај нив на 25-ти октомври, во лоша здравствена состојба, со ниска сатурација. Било стабилизирано и веднаш препратено на клиника во Скопје, поради сериозност на состојбата.
„Наредниот ден, во Ковид-19 одделението во нашата болница беше примен и неговиот помлад брат, на возраст од 21 година, исто така позитивен на вирусот. И кај него е дијагностицирано крвно нарушување. По 24 часа поминати кај нас беше стабилен, но потоа дојде до нагло влошување на состојбата. Бидејќи спаѓа во ризична група на пациенти, и тој беше веднаш префрлен на лекување во Скопје“ информира директорот на болницата, д-р Диме Коцев.
Во Кавадарци заклучно со вчера активни се 248 случаи.
Ангел Данов


