Teрористот Кујтим од Челопек го застрела Неџип од Велешта – Можеше да биде фудбалер или боксер ама одбра да биде терорист – ММС
ММС

Објавено на: 11/4/20 3:18 PM

Teрористот Кујтим од Челопек го застрела Неџип од Велешта – Можеше да биде фудбалер или боксер ама одбра да биде терорист

Фејзулај Кујтим (20), терорист кој изврши напад во центарот на Виена, е познат на Австриската федерална служба за борба против тероризмот . Во април 2019 година, тој бил осуден на 22 месеци затвор за терористичко здружување, но  бил пуштен порано како малолетник – во декември 2019 година. Албанските медиуми објавија негова фотографија.

 

Како што откри австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер, Кујтим на 25 април минатата година бил осуден на 22 месеци затвор за обид да отпатува за Сирија каде што планирал да се приклучи на Исламската држава. Кујтим, Албанец чии родители се од Македонија, од Тетово, е уапсен откако неговата мајка го пријавила неговото исчезнување, за подоцна да се испостави дека се обидел да отпатува на бојното поле во Сирија.

Тој бил уапсен при обид да ја премине турско-сириската граница, по што бил депортиран во земјата каде што е роден – Австрија.

Додека бил во затвор австриските власти оцениле дека тој не е способен да го изврши нападот и дека повеќе не се смета за опасен. Оваа одлука била донесена откако Кјутим поминал низ процес на дерадикализација за време на неговиот престој во затвор, за кое било задолжено специјализираното здружение „Дерад“.

„Дружење со погрешни луѓе“

 

Не се познати многу детали за приватниот живот на Кујтим. Весникот „Хојте“ објави дека живее во Медлинг, град на истокот од земјата, а според нивните информации, како тинејџер бил многу талентиран фудбалер. Николаус Раст, адвокат кој го бранеше на судењето вели дека Кујтим пораснал во „сосема нормално семејство, но дека ја имал таа несреќа да се дружи со погрешни луѓе“.

-Да не одеше во џамија, туку на бокс, ќе станеше боксер, рече Раст, додавајќи дека не ни помислувал дека може да стане атентатор.

Раст додаде дека како тинејџер Кујтим редовно одел во една џамија каде се радикализирал. Како што изјави за АПА, тој бил „млад човек без ориентација, кој барал место во животот“.

Купил муниција во Словачка?

 

„Хојте“ тврди дека Кујтим отпатувал во Словачка со свој познаник кон средината на јули да купи муниција за неговиот калашников.  Автомобилот што го користел и припаѓал на мајката на еден од неговите контакти, инаку од Косово, кои се познавале од радикалната исламистичка сцена. За време на терористичкиот напад во Виена, Фејзулај го употребил токму тој калашников, пиштол и мачета.

Најавил напад на социјалните мрежи

Првите фотографии на Кујтим се појавија во јавноста утрото по нападот во кој убил четири лица, пред полицијата да го убие. Тој на својот Инстаграм профил објавил фотографија на која се гледа дека е вооружен. Се верува дека тој го користел токму тоа оружје од фотографијата за време на нападот. Инстаграм профилот сега е избришан.

Австрискиот министер Нехамер потврди дека Кујтим навистина е на фотографиите. Тој беше облечен во црно со оружјето со кое се верува дека нападнал.  Сликите исто така покажуваат дека тој го напишал арапскиот збор Бакијах, кој е дел од фразата – „Исламската држава останува и се шири“.

Според Билд, тој на двајца пријатели им испратил снимки од нападот во 2015 година на Шарли Ебдо ,  кога 12 лица биле убиени, а на Инстаграм објавил неколку слики на кои се заколнува на верност на водачот на Исламската држава.

Најмалку пет лица беа убиени – тројца мажи и две жени и 17 беа повредени во терористичкиот напад во Виена, од кои шестмина потешко. Сведоците на нападот претходно изјавија дека напаѓачите биле насочени кон луѓето собрани пред кафулето. Токму во тоа кафуле вечерта седело уште едно момче по потекло од  Македонија, односно од Велешта. Станува збор за  Неџип Вренези (20), кој куршумот од Кујтим го погодил кога излегол надвор да пуши цигара.

Кафулиња биле добро посетени, бидејќи многумина Виенци ја искористија последната можност за дружење, пред второто „заклучување“ и затворањето на рестораните.

Австриската полиција поднела барање преку Европол до полицијата во Македонија за соработка и информации во врска со нападот.

Извор: standard.co.me/

Фото: standard.co.me/espreso.rs/