Битола денеска го слави денот кога пред 75 години, утрото кога на 4-ти ноември во 1944 година партизанските единици од 49. дивизија на народно ослободителната војска и македонските партизански одреди победоносно влегле во градот, и го ослободиле од тогашниот окупатор.
Во национално ослободителната војна 266 борци од Битола ги положија своите животи, и токму затоа и оваа година, Општина Битола празничната програма ја почнува со полагање цвеќе пред Споменикот на народно ослободителната војна и антифашистичката револуција што се наоѓа на плоштадот „Гоце Делчев” во овој град.
Централен настан во денешната празнична програма е свеченоста што ќе се одржи под ковид-мерки во факултетот ФИКТ-Битола каде градоначалничката Наташа Петровска ќе ги врачи највисоките општински награди и признанија.
Како што е познато, годинашен добитник на наградата за животно дело е композиторот Петар Георгиев-Калица, а признанија за годишни постигнувања ќе им бидат доделени на Македонско научно друштво-Битола, Владимир Рендевски-специјалист неврохируг, Панде Димитровски автор на проектот „Незаборав”, Лидија Твирст Митревска директорка на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара” и меѓународните ракометни судии Димитар Митревски и Благојче Тодоровски.
Според програмата, Општина Битола и црногорската престолнина Цетиње ќе потпишат Повелба за збратимување, а во 19 часот ќе биде промовирана книгата „Ослободувањето на Битола и Битолско октомври-ноември 1944, документи” чии автори се Александар Литовски и Роберто Трајковски.