Армијата ќе и’ помага на полицијата во обезбедувањето на болниците – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/20 8:22 PM

Армијата ќе и’ помага на полицијата во обезбедувањето на болниците

Владата денеска даде зелено светло за неколку нови мерки чија реализација се очекува да биде во насока на спречување на ширењето на коронавирусот. Се скратува работното време на угостителските објекти до 21.00 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна.
Оваа одлука важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид и хотелските ресторани за гостите кои се сместени во хотелите.

На денешната владина седница, беше донесена и одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21:00 часот.

Владата денеска усвои препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на Северна Македонија, после 21:00 часот да не се движат на јавен простор, доколку немаат важни и неопходни потреби.

Владата донесе и препорака за граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица, кои не живеат во иста заедница.

Министрите во Владата денеска го прифатија и предлогот на Министерството за здравство за потребата од дополнителна асистенција на припадниците на Армијата во обезбедувањето на болниците како дополнителна испомош на припадниците на МВР и во координација со ова Министерство, за што беше донесен заклучок за ова да се побара согласност од Претседателот на државата.

 

Фото: Архива/Министерство за одбрана