Иселеници за пример: Со донација обезбедени повеќе од сто таблети за ученици во дебарско училиште – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/20 7:00 PM

Иселеници за пример: Со донација обезбедени повеќе од сто таблети за ученици во дебарско училиште

Општинското основно училиште „Пенестија” го обезбеди потребниот број таблет-компјутери за учениците од социјално загрозени семејства, благодарение на остварените контакти на управата на училиштето со иселеници од Дебар во САД  подготвени да помогнат.

– Денеска добивме 65 таблет-компјутери донација од Центарот на дебарската заедница во САД. Ова е последователна донацијата по онаа пред неколку дена од нашинецот Рамиз Маќелара, кој донираше 50 вакви апарати. Многу сме им благодарни на донаторите, кои секогаш се подготвени да помогнат во родниот крај. Овојпат секако искрено ќе ги израдуваат овие деца, зашто сега непречено ќе може да следат настава, изјави за МИА Ајет Мулареџа, директор на училиштето.

Дообјаснува дека се наменети за ученици кои се од семејства со потешка социоекономска состојба, како и за ученици во чии семејства има повеќе од еден ученик и кои не се во можност да обезбедат компјутери за сите.

Во ова основно училиште, кое е најголемо во дебарскиот регион, настава на македонски и албански јазик следат 980 ученици, а според евиденцијата на управата околу 120 ученици немале соодветен ИТ-уред преку кој може да следат настава онлајн. Сега за сите нив обезбедени се таблет-компјутери.

Во училиштето „Пенестија” настава со физичко присуство следат учениците од прво до трето одделение, додека во подрачното училиште во Џепиште – од прво до петто одделение.