Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од интензивниот политички дијалог меѓу двете држави и упати благодарност до германскиот претседател за постојаната германска поддршка за нашата европска интеграција и затоа што прашањето за проширување на ЕУ е во приоритетите на германското претседавање.
Во таа насока, претседателот Пендаровски посочи дека очекува до крајот на годинава да се одржи првата меѓувладина конференција со што ќе се означи официјалниот почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ. Отпочнувањето на преговорите ќе биде дополнителен мотив за земјава и поттик за понатамошно спроведување на неопходните суштински реформи, особено во сферата на правната држава и социоекономскиот развој.
Сојузниот претседател Штајнмајер истакна дека после конструктивните разговори меѓу претставниците на владите на Северна Македонија и Бугарија во Берлин во текот на вчерашниот ден, се надева дека во рамките на германското претседателство, до крајот на годинава, официјално ќе започнат преговорите на ЕУ со нашата држава. При тоа, истакна дека билатералните прашања треба да се решаваат во духот на добрососедството и на европските вредности.
Двајцата претседатели констатираа дека прашањата во однос на историјата треба да продолжат да се дискутираат меѓу експертите во рамките на заедничката комисија за историски и образовни прашања. При тоа, беше истакнато позитивното искуство на Германија во оваа сфера и беше понудена поддршка на работата на комисијата.
Претседателите Пендаровски и Штајнмајер го осудија терористичкиот напад во Виена и оценија дека тој е напад врз заедничките европски вредности во кои веруваме. Исто така, се согласија дека е неопходна засилена соработка на безбедносен план за превенција и пресретнување на терористичките закани.
Претседателите разговараа и за состојбите во двете држави во справувањето со пандемијата на КОВИД-19, при што претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната германска помош за нашата држава во справувањето со пандемијата, пишува во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.