До Министерството за внатрешни работи преку Интерпол денеска е доставено барање од австриската полиција за соработка и информации во врска терористичкиот напад кој се случи синоќа во Виена.
Од МВР информираат дека од списокот на австриската полиција утврдено е дека три лица покрај австриско, имаат и македонско државјанство.
– Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија). Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај, велат од МВР.
Оттаму посочуваат дека е остварена директна комуникација меѓу премиерите Зоран Заев и Себастијан Курц при што австрискиот премиер изразил благодарност за искажаната солидарност и поддршка. Премиерите, како што се наведува во соопштението, изразиле подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба.
Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер денеска потврди дека напаѓачот кој синоќа го изврши терористичкиот напад во центарот на Виена потекнува од Република Северна Македонија. Напаѓачот, кој беше убиен од полицијата, имал 20 години и македонско потекло. Бил осуден за терористичко здружување. Неговото име, како што обелодени автриската полиција, е Кујтим Фејулаи.
МИА