Европскиот суд за човекови права пресудил во полза на колумнистот Гелевски – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/20 11:25 AM

Европскиот суд за човекови права пресудил во полза на колумнистот Гелевски

Европскиот суд за човекови права донел пресуда со која ѝ се наложува на Република Северна Македонија да му исплати надомест за штета во висина од 3000 евра на Никола Гелевски, поради повредено право на слобода на изразување, информираат денеска од Фондацијата отворено општество – Македонија.

Оваа пресуда, која била донесена во септември годинава, како што појаснуваат од ФСОМ, е поврзана и се однесува на случајот во кој тогашниот главен уредник на Телевизија „Сител” и главен и одговорен уредник на весникот „Вечер” – Драган Павловиќ Латас, покренал судски процес противив Никола Гелевски поради неговиот текст, „Мегафоните од фиреровиот сокак”, публикуван на 31 март 2009 година во „Утрински весник”. Павловиќ тогаш сметал дека Гелевски ги повредил неговите чувства. Судскиот процес траел околу една година, а Павловиќ пред македонските судови ја добил приватната тужба за навреда и клевета против некогашниот колумнист на „Утрински весник”, Никола Гелевски.

-Откако пресудата против Гелевски ја потврдија Апелацискиот и Уставниот суд, Гелевски поднесе тужба до Судот за човекови права во Стразбур, кој пресуди во негова корист. Во образложението на пресудата се наведува дека „Владата признала дека имало мешање во слободата на изразување на жалителот”.
Во овој процес пред ЕСЧП, аргументите на застапниците на државата биле дека мешањето било законско и служело на легитимна цел, односно заштита на угледот на другите, и барале Судот да не ги прифати како доказ колумните на Гелевски. Но сепак, во образложението на пресудата на Судот за човекови права, меѓу другото, се вели „Судот забележува дека жалителот (Никола Гелевски) бил редовен колумнист во дневен весник. Затоа мешањето мора да се испита во контекст на суштинската улога на слободата на медиумите во обезбедувањето на правилно функционирање на демократското општество”, се вели во соопштението од ФООМ.

Во врска со јазикот што го користел Гелевски, Судот, како што информираат од ФСОМ, повторува дека „на поединци, а особено на новинари, кои учествуваат во јавна дебата за прашање од општ интерес, им е дозволено да применат одреден степен на претерување или провокација”. Судот сметал дека „кривичната пресуда изречена на Гелевски несомнено може да има застрашувачки ефект врз медиумите во политичката дебата за прашања од важност”.

Текстот, како што велат од Фондацијата, бил напишан како реакција на тепањето на студентите кои протестираа против изградба на црква на скопскиот плоштад на 28 март 2009 година.

Од ФООМ појаснуваат дека правната поддршка за случаите на колумнистот Никола Гелевски пред македонските судови, како и пред ЕСЧП била обезбедена во рамки на потпрограмата Граѓани за Европска Македонија (ГЕМ) на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

Фото:

prizma.mk