Собранието денеска треба да ја продолжи 20-тата седница на чиј дневен ред е Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2020 година, односно вториот ребаланс за годинава, за кој пратениците расправаа во изминатите четири дена. Расправата во Собранието по ребалансот, според собранискиот Деловник трае пет дена, а токму денеска истекува тој рок.
Во ребалансот, според власта, се планирани средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки во висина од 470 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19.
Во расправата на пленарната седница во изминатите четири дена пратениците од власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваа за неопходноста од носење на ребалансот и дали четвртиот пакет мерки ќе ги даде очекуваните резултати. Опозицијата посочи дека власта не ја менаџира добро здравствената криза и дека и четвртиот пакет мерки нема да ги даде очекуваните резултати, а за мнозинството донесувањето на ребалансот е неопходно за да може што поскоро да им се помогне на граѓаните и на стопанството.
Со ребалансот се обезбедуваат средства за четвртиот пакет мерки со кои се очекува да се спасат 83.000 работни места преку поддршка за исплата на плати за октомври, ноември и декември во износ од 14.500 до 21.776 денари месечно. Покрај тоа, предвидено е околу 283.000 граѓани да добијат платежни картички од по 6.000 денари за зајакнување на куповната моќ и приватната потрошувачка, а за компаниите погодени од кризата наменети се десетици мерки како грантови, бескаматни кредити, државна и царинска гаранција и даночни олеснувања.
Во новиот ребаланс вупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари, расходите на 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто повеќе во споредба со иницијалниот Буџет за 2020 година, а дефицитот е позициониран на 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари се пониски во однос на планот за 2020 година