Бројот на загинати во силниот земјотрес што го погоди Егејскиот регион на Турција се искачи на 92, соопшти Управата за вонредни ситуации на Турција (АФАД), јавува агенцијата Анадолија (АА).
Околу 1.323 последователни потреси ја погодија областа од петокот, од кои 43 беа со јачина од над 4 степени, соопшти АФАД.
Додава дека во земјотресот повредени се 994 лица, од кои 847 се отпуштени од болниците, а 147 сè уште се наоѓаат на болничко лекување.
На денешната прес-конференција во Измир, турскиот министер за животна средина и урбанизам, Мурат Курум, изјави дека бројот на тешко оштетени и уништени згради изнесува 58.
Поради студеното време, Курум ги повика граѓаните да побараат засолниште во локалните гостински куќи.
„Започнавме со процесот за поставување контејнери. Во подрачјето Бајракли ќе поставиме контејнери за живеење со капацитет за 1.000 лица, на површина од 46.300 метри квадратни“, додаде тој.
Во петокот, земјотрес со јачина од 6,6 степени го погоди Измир, третиот по големина град во Турција, со популација од околу 4,37 милиони.
Министерката за семејство, труд и социјална политика, Зехра Зумрут Селчук, исто така ги повика граѓаните да се засолнат во гостинските куќи во Измир.
„Имаме капацитет за над 7.000 лица во гостинските куќи во подрачјето. Овој број може дополнително да се зголеми според потребата“, додаде Селчук.
Таа понатаму рече дека дополнителни 5 милиони турски лири (околу 595.000 долари) ќе бидат префрлени денес за социјалната помош, што во петокот беше испратена во регионот од Министерството за семејство, труд и социјална политика.
„Обезбедено е привремено сместување за да се задоволи итната потреба од засолништа во градот, со над 3.500 шатори, околу 24.400 ќебиња, 13.300 кревети, 5.500 комплети за спиење, 2.600 кујнски комплети и четири тушеви и тоалетни контејнери испратени во областа“, истакнаа од АФАД.
Досега, 106 лица се извлечени од урнатините, при што продолжуваат активностите за пребарување и спасување.
Повредено тригодишно девојче е спасено денес од урнатините предизвикани од силниот земјотрес што го погоди турскиот егејски брег. Девојчето по име Елиф Перинчек беше извадено од урнатините речиси 65 часа по земјотресот во подрачјето Бајракли во западната област Измир.
Шефот на Управата за вонредни ситуации при Министерството за внатрешни работи на Турција (АФАД), Мехмет Ѓулуоглу, изрази задоволство поради спасувањето на малото девојче.
Мајката на Елиф, Сехер Дерели Перинчек, нејзините 10-годишни братче и сестричка близнаци Езел и Елзем Перинчек, како и нејзиното седумгодишно братче Умут Перинчек, беа спасени од урнатините 23 часа по земјотресот. Сепак, Умут го загуби својот живот, додека нејзината мајка и братчето и сестричката се наоѓаат на лекување.
Во Турција се приведени девет од 11 лица, вклучително и изведувачи на работите на зградите уништени во земјотресот во Измир. Јавното обвинителство во Измир започна истрага против одговорните за изградбата на зградите што се урнаа и кои се тешко оштетени во земјотресот.
Во рамки на истрагата досега се приведени девет од 11-те осомничени, вклучително и изведувачите на работите на зградите срушени во земјотресот.
Полицијата ги презема сите потребни напори за приведување на преостанатите две лица кои се осомничени за истите кривични дела.
Како резултат на силниот земјотрес што го погоди Егејскиот регион на Турција во петокот загинаа 92 лице, 994 се повредени, од кои 829 се пуштени на домашно лекување, додека 155 сè уште се на болничко лекување.