Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов информира дека денеска попладне ќе имаат онлајн состанок со премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претставници на синдикатите на Бригадата за противпожарна заштита.
– Во акциониот план на Владата е предвидено менување на Законот во јуни 2021 година. Во меѓувреме се обидуваме да помогнеме луѓето да не одат по судски постапки, да го вклучиме процесот на медијација. Повеќе од тоа ниту можеме, ниту едноставно е возможно да се направи. Така што, правото на протест е уставно гарантирано право и јас го почитувам тоа право на тие луѓе, меѓутоа она што го соопштив тогаш останува во целост, го разработуваме тој момент, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање за денешниот протест на пожарникарите.
Пожарникарите и денеска протестираа пред канцеларија на градоначалникот Шилегов барајќи Град Скопје да им се исплаќа додаток на плата. Најавија дека ќе продолжат да одржуваат протести се додека не почне да им се исплаќа додаток на платата.
МИА