Во штипската Болница слободни четири кревети, од утре во функција Кожното одделение – ММС
ММС

Објавено на: 11/2/20 1:35 PM

Во штипската Болница слободни четири кревети, од утре во функција Кожното одделение

Во моментов, според информациите од штипската Клиничка болница, во Ковид центарот слободни има само четири кревети, вкупно се хоспитализирани 51 пациенти заболени од ковид19.

Беше најавено дека од денес на располагање ќе биде и кожното одделение, но како што информираше портпаролката на Клиниката , Марина Шуманска тоа се уште не е подготвено и најверојатно ќе биде во функција од утре. Во кожното одделение на располагање се десет кревети.

Во Штип се уште не се пристигнати брзите тестови за ковид 19, иако во Скопје од утрово се почна со нивната примена.

Кога ќе пристигнат, директорката на Центарот за јавно здравје, Марија Димитрова, која што во моментов е во изолација , бидејќи е позитивна на ковид19, не знаеше да каже.

„13 000 брзи тестови ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде што се прават тестирања. Тоа се брзи тестови кои што се готови за 15 минути, тоа се најновите тестови, најновата технологија “, најави министерот Венко Филипче.

Здравствениот дом Скопје е прва здравствена организација во земјава што почна со изработка на брзите тестови. Станува збор за тестови од фирмата Abbott кои даваат 99,6 отсто точност на резултатот.

Интересот за брзото тестирање бил огромен и први слободни термини ќе има за неколку дена, велат од таму.

Од Министерството за здраство пред малку пристигна инфомацијата дека денеска пристигнале 3000 тестови, дел од донацијата од 13 000 брзи тестови а  останатиот дел од тестовите ќе биде испорачан до среда.

Овие брзи тестови се бесплатни за граѓаните, а истите ќе бидат распоредени низ 13 те болници во државата, во Клиниката за инфективни болести во Скопје, Болницата 8 Септември, Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле и ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза-Скопје, и ќе се користат како би се утврдило дали суспектните пациенти се позитивни на ковид-19. Донацијата ја обезбедија ГД Гранит и Нафтената компанија Галф оил Македонија.

В.Д. градоначалникот Јане Миланов информира дека е регистриран еден професор заболен од ковид19 во штипското средно текстилно училиште, но тој немал никаков контакт со други вработени во училиштето, а наставата ја изведувал онлајн.