Манчестер Сити на „мускули“ до трите бода од „Брамал Лејн“, Челзи убедлив на гостувањето кај Барнли – ММС
ММС

Објавено на: 10/31/20 6:44 PM

Манчестер Сити на „мускули“ до трите бода од „Брамал Лејн“, Челзи убедлив на гостувањето кај Барнли

Изненадувањето од ланската сезона во Премиер Лигата, Шефилд Јунајтед, во новата сезона продолжува со разочарувачките настапи и слабите игри. Овојпат на домашен терен загуби од Манчестер Сити со 0:1 и се закова на дното на табелата со само еден освоен бод во седум одиграни мечеви.

Момците на Крис Вајлдер имаат сериозни потешкотии во постигнуањето на погодоци, но она што за нив е уште позагрижувачки е добрата игра во дефанзивната фаза, нешто што претставуваше главна одлика на Шефилд по промоцијата во најдобрата англиска фудбалска лига.

Од друга страна, Манчестер Сити не брилијираше, иако во најголемиот дел од дуелот имаше иницијатива и го напаѓаше голот на Арон Ремсдејл. Локалното момче Кајл Вокер во 28 минута им пресуди на „своите“ по проигрувањето на повратникот Кевин Де Брујн. Англискиот десен бек од дваесеттина метри хируршки прецизно нанишани во десниот голмански агол и му донесе водство на својот тим. Неговиот гол воедно беше и последен на натпреварот, откако Шефилд во второто полувреме успешно оддолеваше на нападите на тимот на Пеп Гвардиола. Со овие три бодови од гостувањето на „Брамал Лејн“, Сити конечно се искачи на првата половина од табелата во Премиер и со 11 бодови и еден натпревар повеќе во однос на повеќето екипи, ја зазема осмата позиција.

 

https://www.youtube.com/watch?v=kcDuTSR_Zmk

Од 16:00 часот Челзи им се врати на победите во Премиер Лигата, поразувајќи го Барнли на гостински терен со 0:3. „Сините“ од Лондон успеаа по четврти пат во сите конкуренции да ја зачуваат мрежата недопрена откако против Севиља во ЛШ и Јунајтед изиграа 0:0, а на гостувањето во Краснодар победија 0:4. Самиот старт на двобојот ни даде до знаење какви ќе бидат улогите во дуелот. Челзи воспостави доминација преку посед и мирно чекаше Барнли да отстапи од својот „10 играчи позади топка“ стил, за да може да го пробие бедемот пред голот на Ник Поуп.

Некогашниот играч на Ајакс во неговото целосно официјално деби, по одличната акција и асистенцијата на Тами Абрахам, го изненади со одмерен шут англискиот репрезентативен голман и го промени резултатот. Екипата од западен Лондон на полувреме отиде со водство кое во 63 минути го зголеми од прекин.

Маунт го пронајде од корнер Курт Зума, а овој од непосредна близина ја „закова“ топката во голот. Седум минути подоцна Зијеш во полу-контрата со леснотија го пронајде Тимо Вернер кој го постави конечниот резултат, Барнли нула, Челзи три. Трите бода од вообичаеното тешко гостување за добар дел од премиерлигашите, го носи Челзи на четвртата позиција на табелата со освоени 12 поени и гол разлика 16:9.

Последниот меч на саботната програма е од 18:30 часот помеѓу Ливерпул и Вест Хем.