Анкетите спроведени на четири дена пред претседателските избори во САД, опишани како „историски“, а закажани за 3 ноември, покажуваат дека демократот Џо Бајден има предност од околу 7 проценти, но аналитичарите потсетуваат на изборниот процес во 2016 година, потенцирајќи дека републиканецот Доналд Трамп сѐ уште има шанса да победи.
Со љубопитност се исчекува победникот на 59. претседателски избори во САД на кои се натпреваруваат Трамп и Бајден, закажани за во вторник, 3 ноември, кога ќе се одвива „невообичаен“ изборен процес поради пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19).
Додека пред изборите внимателно се следи последното расположение на гласачите што го покажуваат анкетите, од 2016 година досега кај јавноста постои сомнеж за веродостојноста на анкетите.
Според резултатите што ги објави „Real Clear Politics“, една од водечките страници за политичка анализа во САД, просекот на сите национални анкети во земјата покажуваат дека Бајден ја води трката со 7,4 проценти пред Трамп.
Во критичните држави кои ќе ја одредат вистинската судбина на изборите, иако со помали разлики, сепак, Бајден води пред Трамп.
– Претседателот е оној кој добива 270 делегати, а не оној кој освојува најмногу гласови
На претседателските избори закажани за вторник, 3 ноември, гласачите всушност гласаат за делегатите на партијата што ја поддржуваат.
Според овој систем наречен „Одбор на делегати“ (Electoral College), во САД се избираат вкупно 538 делегати. Кандидатот кој ќе освои 1 делегат повеќе од половината на оваа бројка, односно 270 делегати, добива право да биде претседател.
Една од највпечатливите одлики на американскиот политички систем, во кој се почитува рамнотежата меѓу државите, е дека претседател станува оној кандидат кој ќе освои повеќе делегати, а не повеќе гласови.
Показател на сево ова е фактот дека иако Хилари Клинтон, претставничката на демократите, освои речиси 3 милиони гласови повеќе од Трамп, Трамп победи на последните избори во 2016 година освојувајќи 304 делегати.
– „Државите што се нишаат“ (swing) ја одредуваат судбината на изборите
Иако националните анкети покажуваат дека Бајден е во водство, судбината на изборите во САД ја одредуваат државите наречени „swing“ (што се нишаат), затоа што тие се движат меѓу републиканците и демократите.
Меѓу шесте држави што се „нишаат“ со 101 од вкупниот број 270 делегати потребни за освојување на претседателската функција, Пенсилванија и Флорида се издвојуваат како двете најважни држави кои можат да ја одредат судбината на изборите во 2020 година.
Демократскиот кандидат Бајден на 13 октомври во Пенсилванија имаше предност од 7 проценти пред Трамп, а во моментов води со 4,3 проценти.
На 13 октомври Бајден на Флорида имаше предност од 3,7 проценти, но во последниов период Трамп доби на интензитет и успеа да ја намали разликата на 1,4 процент.
Од друга страна, споредувајќи ги анализите во државите што се „нишаат“, според поддршката за претседателските кандидати, на 13 октомври во Висконсин Бајден имаше предност од 5,5 проценти, а во моментов таа предност изнесува 6,4 проценти, додека во државата Мичиген, на 17 октомври кандидатот на демократите имаше предност од 6,7 проценти, а сега таа изнесува 6,5 проценти.
Северна Каролина се наоѓа веднаш зад Флорида во врвот меѓу државите што се „нишаат“.
Во оваа држава во која Трамп понекогаш имаше предност, на 13 октомври Бајден имаше предност од 1,4 проценти, а сега води само со 0,6 проценти.
Додека во Аризона на 13 октомври Бајден беше во предност од 2,7 проценти, во моментов кандидатите во оваа држава се изедначени.
Земајќи ги предвид сиве овие бројки и анкетите спроведени во шесте критични држави што ќе ја одредат судбината на изборите, може да се забележи дека двајцата ривали постигнале многу слични проценти.
– На изборите во 2016 година анкетите згрешија во државите што се „нишаат“
Анкетите спроведени на 4 ноември 2016 година, на четири дена пред изборите во САД, покажуваа дека Хилари води во четири од државите што се „нишаат“, додека вечерта на 8 ноември Трамп беше победникот во шесте држави.
Хилари, според анкетите, на 4 ноември 2016 година имаше предност од 5,5 проценти во Мичиген и Висконсин, 3 проценти во Пенсилванија и 1 процент во Флорида.
Иако Трамп до последните денови во Аризона и Северна Каролина беше зад Хилари, тој на 4 ноември оствари предност од 1 процент во Северна Каролина и 4 проценти во Аризона.
– Колку анкетите даваат слика за изборите?
Во САД, особено по изборите во 2016 година, започнаа дискусии за веродостојноста на анкетите и до кој степен тие даваат слика за изборите.
Во анкетите на 4 ноември 2016 година, Хилари Клинтон имаше предност од 1,6 процент низ целата земја. Дури и на 8 ноември 2016 година, кога се одржаа изборите, се чинеше дека Хилари Клинтон води пред Трамп со 3,2 проценти.
Сепак, ноќта на 8 ноември од гласачките кутии излезе „изненадувачки“ резултат и Трамп, освојувајќи ги критичните држави, стана новиот претседател на САД.
Особено во државата Мичиген, чиј генерален став е демократски, победата на Трамп над Хилари Клинтон со 10.704 гласа предност уште еднаш посочи на важноста на овие држави.
Повикувајќи се на табелата од изборите во 2016 година, аналитичарите предупредуваат дека иако според предизборните анкети, Бајден е во водство „резултатот на 3 ноември може да биде различен поради изборниот систем во земјата“.
Некои експерти сметаат дека поради несоодветноста, пристрасноста или нецелосноста на анкетите, приврзаниците на Трамп главно поради „социјален притисок“ во анкетите не сакаат да се изјаснат дека го поддржуваат Трамп или Републиканската партија.
Додека повеќето истражувања во САД сè уште се спроведуваат преку домашни телефони, се тврди дека овие истражувања не се доволно точни и вистинити.
Сомневањата за тоа до колкав степен анкетите спроведени на интернет би можеле да ги рефлектираат изборните резултати, претставува друга димензија на јавната дебата за анкети.
– Бројот на лицата што гласаа предвреме надмина 80 милиони
Друга изборна тематика што покрај анкетите внимателно се следи во САД е предвременото гласање.
Во раниот процес на гласање што започна во многу држави на САД досега гласаа повеќе од 80 милиони луѓе.
Според интернет-страницата „Проектот за избори во САД“, која собира информации за предвременото гласање на претседателските избори во САД, досега околу 80 милиони луѓе го искористиле правото на глас – 52 милиони гласови биле испратени по пошта, а 28 милиони лица гласале на избирачките места што беа отворени во рамките на превенцијата од коронавирусот.
Истата интернет-страница предвидува дека до крајот на изборниот процес вкупниот број на гласови би можел да достигне 150 милиони.