Како да се надомести недостатокот на витаминот Д, кој помага во борбата против коронавирусот – ММС
ММС

Објавено на: 10/30/20 11:21 PM

Како да се надомести недостатокот на витаминот Д, кој помага во борбата против коронавирусот

Недостатокот на витамин Д е честа појава во текот на есента и зимата, а една нова студија спроведена од група лекари за интензивна нега и биохемичари во болница во Сантандер, Шпанија, открива дека 82,2 проценти од пациентите хоспитализирани за коронавирус имаат недостаток на овој витамин.

Студијата објавена во списанието The Journal of Alimentary Pharmacology and Therapeutics покажува дека скоро 50% од популацијата има недоволна концентрација на витамин Д во крвта, особено во текот на зимата – наведува Хрватскиот институт за јавно здравје.

Во истражувањето објавено на  Journal of Clinical Endocrinology & Metabolism научниците наведуваат дека недостаток на витамин Д е пронајден кај 82,2 проценти од пациентите, што во тој момент било скоро двојно повеќе од просечниот недостаток на витамин Д забележан во тоа време во Шпанија. Истражувачите од Сантандер откриле и дека луѓето со ковид-19, кои исто така имале недостаток на витамин Д, имаат поголема веројатност да имаат проблеми со висок крвен притисок и кардиоваскуларни болести.

Недоволните количини на витамин Д може да бидат јавен здравствен проблем што може да се коригира со правилна исхрана и додаток на витамин Д.

Ризични групи во пандемијата се постарите лица и полиморбидните пациенти, токму оние групи во кои исто така се евидентираат ниски нивоа на витамин Д во крвта. Витаминот Д е алка во синџирот на комплексни фактори кои придонесуваат за имунолошки одговор и затоа одржувањето на оптималниот статус на витамин Д во крвта е стратегија што потенцијално може да придонесе за одбрана од респираторни инфекции, особено кај постари лица и пациенти со истовремени болести.

Главниот извор на витамин Д е неговата синтеза во кожата под влијание на изложеност на сончева светлина. Затоа има недостаток на овој витамин за време на есен и зима, но ова може да се компензира со диета и додатоци во исхраната.

Најбогатите природни извори на витамин Д во храната:

– масло од црн дроб на бакалар и друга масна риба

– масла во туна, сардини, скуша, треска, лосос, морски плодови (масни риби и рибини масла обезбедуваат 15 до 25% од вкупниот внес)

– шитаке печурки

– црн дроб

– жолчка од јајце

Нутриционистот Ким Плаза истакнува дека додатоците на витамин Д во есенските и зимските месеци, покрај зајакнување на имунитетниот систем, го подобруваат расположението и дека е тешко да се внесат доволно витамини преку природни извори.

Студиите спроведени оваа година и објавени во Journal of Infection and Public Health покажаа дека додатокот на витамин Д покажува заштитни својства од респираторни инфекции. Истражувањата покажуваат дека високиот статус на витамин Д може да помогне да се намали ризикот од вирусни епидемии и да се одржи имунитетот, мускулната сила и густината на коските, додека ниското ниво на витамин Д е поврзано со малигни, кардиоваскуларни, автоимуни и невролошки заболувања и хронични респираторни заболувања, дијабетес и хипертензија. Токму овие болести се поврзани со најголем број смртни случаи кај пациенти со ковид-19.

Затоа, потребно е да се едуцира населението, но и да се следи  концентрацијата на витамин Д во крвта на разни ранливи групи на население од особено значење за здравјето на луѓето.

 

Извор: ba.n1info.com