Повторно високи бројки заразени во Македонија, стартуваа новите мерки – ММС
ММС

Објавено на: 10/30/20 7:42 AM

Повторно високи бројки заразени во Македонија, стартуваа новите мерки

Нови 862 случаи на заразени со Ковид-19 беа регистрирани вчера кога и официјално стапија во сила новите мерки кои вклучуваат носење маска и на отворено, забрана за групирање на отворен простор, како и задолжителна самоизолација во период на тестирање.

Расте бројот на заразени, како и на починатите, а се исполнуваат и болничките капацитети. Во болниците вкупно се хоспитализирани 669 лица, на кислородна по поддршка се 110, а двајца се на респиратор.

Надлежните постојано апелираат да се почитуваат мерките, а предупредуваат и на санкциите за нивното неспроведување. Казната за неносење маска е 20 евра, а за групирање по 22 часот е 500 евра.

Носењето маска на отворено има исклучоци при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедницата, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница, или во угостителски објект каде се применуваат специфичните протоколи за заштита.

Завчера донесените измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, одлуките на Владата кои се донесоа по препорака на Комисијата за заразни болести во целокупниот изминат период, според надлежните се во насока на максимална заштита на здравјето на граѓаните како врвен приоритет без притоа да се калкулира со каква било друга протекција во однос на економските или некои други социјални аспекти во државата.

Во таа смисла, како што посочи вчера министерот за здравство Венко Филипче, засега не се потребни никакви други ниту законски измени, ниту пак нешто друго што би овозможило воведување на некои дополнителни мерки со цел заштита на здравјето на граѓаните. Овој пакет мерки, кој сега е на сила, како што вели, е пакет мерки кој се користи во сите европски земји.

Министерот вчера увери дека болнички капацитети има сосем доволно и оти целиот Клинички центар е во ситуација на мобилизација. Филипче одржал состанок со директорите на сите интерни клиники, а на списокот на лекари и медицински сестри се сите вработени лекари и медицински сестри од клиниките и по потреба ќе работат во дополнителните капацитети.

Бидејќи модуларната болница е речиси исполнета, обезбедени се дополнителни болнички легла на Институтот за белодробни заболувања, во рамките на повеќе интерни клиники, како и на клиниките за дерматологија и за неврологија, каде има пристап до централен довод на кислород. Во рамките на другите болници, секаде се ослободени интерните одделенија и целосно е ставен кадарот во мобилизација.

Граѓаните, според Филипче, треба да бидат спокојни, и оти никој нема да остане без здравствена заштита и без лекарска услуга. Апелира да се почитуваат новите мерки.

– Мерките кои се сега во сила се имплементираатво цела Европа. Ограничениот капацитет на пополнување во јавниот превоз, задолжително носење маски на отворено, затворање на угостителските објекти во 23 часот, препораката да се работи од дома и онлајн, е нешто што доколку се почитува може сериозно да ја намали трансмисијата на вирусот, потенцира Филипче.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 29 558, бројката на оздравени пациенти е 19 994, на починати е 977, а бројот на активни случаи изнесува 8587, од кои речиси половината се Скопје .

Досега во земјата се направени вкупно 243.357 тестирања на Ковид -19.

Од наредниот понеделник Здравствениот дом Скопје ќе почне со изработка на брзите тестови. Тие ќе даваат 99,6 отсто точност на резултатот, и ќе чинат 1000 денари.

Како што соопшти вчера д-р Виктор Исијановски, директор на Здравствен дом Скопје и член на Комисијата за заразни болести, резулатите од брзите тестови се одвива 15 до 20 минути. Вакви тестови, како што појасни тој, досега во нашата држава не се применувани. Тестовите, вели, се одобрени од СЗО, конкретно од фирмата Abbott и се регистрирани во нашата држава.

Во светот бројот на заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата надмина 45 милиони луѓе. Оздравеле 33 милиони, а битката со Ковид-19 ја загубиле 1,2 милиони. Активни на болеста во моментов се 11,13 милиони луѓе.

Рекордни бројки на заразени и починати деновиве бележат сите земји во регионот. Ситуацијата е загрижувачка во цела Европа поради што се воведуваат строги рестриктивни мерки. Европа вчера го надмина прагот од 10 милиони случаи на коронавирус, откако само во изминатите седум дена се евидентирани 1,5 милиони новозаразени.

Бројот на хоспитализирани се искачи на 10 хоспитализирани на 100.000 жители, ниво што не беше забележано минатата пролет за време на првиот бран на Ковид-19. Значително е зголемена и стапката на смртност, и минатата седмица бележи раст од 32 проценти низ цела Европа.

МИА