Франција е повторно на удар на терористичките организации, нападнати сме поради своите вредности, слободата и нашите желби да не потклекнеме пред тероризмот, рече францускиот претседател Емануел Макрон во Ница, откако денеска два крвави настани ги потресоа граѓаните.
„Ројтерс“ пишува дека претседателот изјавил дека ќе распореди двојно повеќе војници на „клучните места“ како што се училиштата и верските објекти.
Сабајлево околу девет часот во центарот на Ница се случи првиот напад, кога непознат сторител уби три лица во црквата Нотр Дам. Една од жртвите била и обезглавена. Напаѓачот бил ранет од страна на полицијата, а според градоначалникот на Ница дури и при апсењето извикувал „Алаху Акбар“.
Два часа подоцна се случи и втор напад во Авињон. Полицијата ликвидирала маж кој со нож им се заканувал на минувачите а потоа ги нападнал и полицајците.