Во Битола ќе бидат поставени првите комунални подземни контејнери – ММС
ММС

Објавено на: 10/28/20 10:19 AM

Во Битола ќе бидат поставени првите комунални подземни контејнери

Јавното претпријатие „Комуналец” почна со подготовка на теренот за поставување на подземни контејнери на неколку локации во Битола.

Во првата фаза од оваа комунална активност, подземни садови за собирање комунален отпад ќе бидат поставени на улиците „Васко Карангелески”, и „Столарска” во непосредна близина на Јени џамија и битолскиот Безистен, а дел од првите подземни контејнери ќе бидат поставени и на Булеварот „Први Мај” под Ленски мост, кај рибарниците во Битола.

-Првите ископи на теренот се направени. Според проектот тоа ќе бидат бетонски шахти вкопани во земјата над кои ќе се постави подвижна метална контрукција, метална платформа со ротационо подвижни капаци-капи во кои ќе се фрла сметот. Подземните садови или контејнери, ќе содржат две или три кутии во различна боја, зелена, жолта, кафеава, кои посочуваат во која кутија каков смет ќе може да се става. Подигнувањето и спуштањето на платформата е со систем на хидраулика, информираа од ЈП „Комуналец” – Битола.