Почнува продажбата на куќи со почетна цена од 1 евро во Салеми, Италија – ММС
ММС

Објавено на: 10/27/20 9:45 AM

Почнува продажбата на куќи со почетна цена од 1 евро во Салеми, Италија

Напуштените куќи во градот Салеми, лоциран на островот Сицилија, ќе бидат ставени на продажба по почетна цена од 1 евро, пренесува Анадолија (АА).

Во веста на „Си-ен-ен“ се истакнува дека куќите во Салеми ќе се продаваат на аукција следниот месец со цени што започнуваат од 1 евро.

Градоначалникот на Салеми, Доменико Венути, истакнувајќи дека најмалку четири илјади луѓе го напуштиле градот по земјотресот во долината Белице на Сицилија во 1968 година, рече дека проектот го започнале со цел да се внесе нов здив во Салеми.

Според проектот, купувачот може да купи повеќе од една куќа, но за секоја куќа мора да се платат 3 илјади евра гаранција. Ако куќата се обнови во рок од 3 години, гаранцијата ќе се врати на купувачот.

Наведувајќи дека тие што се заинтересирани за купување не треба да го посетуваат Салеми, градоначалникот Венути рече дека купувачите треба да испратат детален план за реставрација на куќата што ја бараат.

Во некои градови во Италија беа спроведени слични проекти. Во средновековниот град Бизача, близу Неапол, куќите беа на продажба летото 2019 година за 1 евро.

Оние што сакаа да купат куќа во Бизача, мораше да се обврзат дека ќе ја реставрираат и дека ќе престојуваат таму.