Францускиот репрезентативец и фудбалер на Манчестер Јунајтед, Пол Погба, ќе го тужи контроверзниот англиски весник „The Sun“ поради клевета и ширење лажни вести во врска со неговиот статус во светскиот фудбалски првак.
Имено, англискиот весник во текот на вчерашниот ден објави статија во која се наведува дека Пол Погба ќе стави крај на репрезентативната кариера и се повлекува од дресот на Франција, поради коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон, поврзани со „исламскиот тероризам“.
Откако играчот од средината на Манчестер Јунајтед првенствено на социјалните мрежи имаше споделено фотографија од текстот на „The Sun“ со наслов „фејкњуз“, реши да проговори за спорниот текст и да ги демантира наводите за неговото прерано пензионирање од интернационалниот фудбал.
-Повторно „Тhe Sun“…апсолутно 100 проценти неточни вести за мене кружат наоколу, работи кои никогаш ниту сум ги кажал, ниту сум ги помислил. Запрепастен сум, лут, шокиран и фрустриран, некои медиуми создаваат целосно неточни информации и наслови на многу сензитивна тема во овој момент во Франција. Противник сум на секаква форма на терор и насилство. За жал, некои луѓе од медиумите не се однесуваат одговорно кога пишуваат вакви новости, злоупотребувајќи ја слободата на говор и изразување. Ќе покренам тужба против објавувачите и проширувачите на овие лажни вести. Веројатно вие сте оделе на училиште и веројатно паметите дека професорите секогаш ви велеле дека изворот секогаш мора да биде проверен. Не пишувајте никогаш доколку не сте сигурни, засрамете се, напиша Пол Погба на својот профил на „Инстаграм“.
Англискиот весник засега нема упатено извинување до Французинот.