Aмериканската премиера на „Врба” на Милчо Манчевски e крунисана со наградата Најдобар филм на фестивалот во Синеквест, Калифорнија. Ова е главната награда на Синеквест што ја доделува меѓународно жири, а „Врба” е претставен како „филм што нема да го заборавите”.
Успехот на „Врба” е многу значаен за претставувањето пред американската публика, затоа што Синеквест е еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, а се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската долина, седиште на најголемите технолошки гиганти како Фејсбук, Епл, Твитер, Нетликс, Зум, Линкедин. Фестивалот е специфичен по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Овогодишното јубилејно 30-то издание на фестивалот место во март, поради пандемијата се одржа онлајн од 1 до 14 октомври, со програма од 154 филмови од САД и светот, учествуваа вкупно 950 артисти, а се одржаа и 95 специјални настани поврзани со филмската работа. Фестивалската програма за кратки и анимирани филмови се квалфикува и за Оскар.
Неделава „Врба” ќе ја има и шпанската премиера во конкуренцијата за награди на фестивалот во Валенсија. Изминатиов период „Врба” доживеа големи интернационални успеси: во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон.
Измина точно една година од светската премиера на фестивалот во Рим, при што „Врба” постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, ласкави критики во светските медиуми („длабок, суптилен”), над 20 фестивали на четири континенти, и 3 награди, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено поради ковид-19 пандемијата. Исто така, се очекува следната недела „Врба” да се врати и во македонските кина, како дел од програмата на кино Синеплекс во Скопје.
Во исто време со успехот на „Врба”, се подготвува и новиот филм на Манчевски „Кајмак”, поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а сега доби поддршка и од данската држава – од Данскиот филмски институт.
„Данскиот филмски институт го поддржа ‘Кајмак’, а дански продуцент на филмот е славната Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентката на филмовите ‘Меланхолија’ и ‘Антхрист’ на Ларс фон Трир, на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера’ и на ‘Сопругата’ за кој Глен Клоус доби номинација за Оскар, како и на хит сериите ‘Премиерката’ и ‘Рагнарок’, меѓу другите. Многу сме задоволни што по соработката со британската легенда Ник Пауел за ‘Врба’, новиот филм на Манчевски ќе овозможи во македонска меѓународна копродукција да влезе уште една реномирана европска и светска продуцентка како Мета Фолдагер”, вели Јане Ќортошев, македонскиот продуцент на „Кајмак”.
Новиот филм на Манчевски „Кајмак” е поддржан во првиот рок на одлучување на конкурсот на Агенцијата за филм, како проект со мнозински македонски удел, а во него се активни продуценти од дури осум држави: Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и Словенија.