Амди Бајрам бил позитивен на корона, епидемиолозите ќе ги бараат сватовите – ММС
ММС

Објавено на: 10/24/20 7:02 PM

Амди Бајрам бил позитивен на корона, епидемиолозите ќе ги бараат сватовите

Поранешниот пратеник, Амди Бајрам кој почина денеска, бил позитивен на коронавирусот – пренесе „360 степени“ повикувајќи се на извор од здравствените власти. Неговиот тест за ковид-19 беше направен посмртно, откако тој бил донесен починат во една од приватните клиники во Скопје.

Пред да биде потврдена ваквата информација,  од Центарот за јавно здравје најавија дека доколку тестот е позитивен, епидемиолозите утре ќе ги бараат сите негови контакти – пренесе порталот СДК.

Инаку, пред околу две недели тој правеше свадба за неговата внука во Истанбул каде присуствуваа над 200 гости од земјава. Свадбата првично била закажана овде, по што семејството решило да ја откаже поради актуелните мерки за заштита од вирусот.

Министерот за здравство, Филипче попладнево потенцираше дека Бајрам имал комплексна здравствена состојба, а по веста за неговата смрт се огласи и премиерот, Заев кој изрази сочувство.

„Со Амди Бајрам, како долгодишен претседател на Сојузот на Ромите од Македонија и пратеник, имавме принципиелна соработка за многу важни процеси од значење на државата и за заедницата на Ромите во нашата земја. Во овие денови на длабока жалост, се надевам дека зборовите на искрено сочувство ќе бидат утеха за големата загуба за неговото семејство и пријателите“, порача Заев.