Ноќеста ќе почне зимското сметање на времето – ММС
ММС

Објавено на: 10/24/20 8:45 AM

Ноќеста ќе почне зимското сметање на времето

Ноќеска во три часот по полноќ почнува зимското сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе се вратат еден час поназад, односно времето во три часот ќе се смета како два часот. Ќе спиеме повеќе еден час.

Освен кај нас, зимското сметање на времето ќе го применат и поголем дел од европскиот континент, освен во Исланд, Русија и Белорусија.

Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.

Европскиот парламент на 4 март лани изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година. Но, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука, па не е сосема сигурно дека ова ќе биде последното поместување на часовниците во ЕУ.

Летното сметање на времето го практикуваат 110 земји во светот. Времето, на пример, не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.

Во Македонија првпат почна да се практикува во времето на СФРЈ, од 27 март 1983 година.