Премиерот Зоран Заев и потсекретарот на САД за економски раст, енергија и животна средина денеска во Владата потпишаа меморандум за разбирање за безбедност на 5Г техонологии.
– Со меморандумот РС Македонија и САД ја потврдуваат својата желба да ја зајакнат соработката поврзана со 5Г технологијата која е во согласност со нашиот национален оперативен план што го усвоивме како наш стратешки документ за новата ера на дигитализација на земјата. РС Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ, како и нашите политики за безбедносните аспекти на имплементацијата на 5Г технологијата со нашиот стратешки партнер во НАТО – САД, потенцира премиерот Заев.
Според него овој меморандум е значаен како од економски аспект така и за националната безбедност на државава. Зголемените количини на податоци како што рече дополнително ќе ги олеснат прекуграничните услуги и трговијата.
Потсекретарот на САД Кеит Крач, истакна дека државата е драгоцен стратешки партнер на САД.
– Светот се освестува за опасностите и ризичните продавачи. Декларацијата за 5Г го потврдува ова и безбедните чисти мрежи ќе бидат од витално значење за економска стабилност во регионот. Ние го поддржуваме влезот на РС Македонија во ЕУ. Од 27 земји членки на ЕУ, 25 се приклучени на оваа чиста мрежа – која е сеопфатен пристап да се адресираат долгорочните закани за приватноста, безбедноста, соработката и човековите права и таа е вкоренета во меѓународните стандарди и долгогодишно спроведување на оваа стратегија, рече потсекретарот Крач.