Министрите за здравство на земјите од Берлинскиот процес договараа подобра координација во борба против Ковид-19, вчера во земјава 640 заразени – ММС
ММС

Објавено на: 10/23/20 7:20 AM

Министрите за здравство на земјите од Берлинскиот процес договараа подобра координација во борба против Ковид-19, вчера во земјава 640 заразени

Нови 640 случаи на заразени со коронавирусот 2 634 тестирања, 12 лица починати и 143 пациенти оздравени, е билансот од претходното деноноќие.

Починатите 12 пациенти се на возраст од 63 до 89 години. Двајца се од Велес, седум од Скопје, еден од Прилеп, еден од Штип и еден од Струмица. Сите се починати во болнички услови.

Моментално најмногу активни случаи имаат Скопје – 3 174, по што следат Струмица – 383, Тетово – 345, Куманово – 290 и Прилеп – 278. Трицифрени бројки има во Кочани, Штип, Битола, Кавадарци, Охрид, Велес, Гостивар и Кичево.

Активни случаи по општини во Скопје најмногу има во Аеродром – 631, Карпош – 511, Центар – 484, Гази Баба – 379, Кисела Вода – 366, Ѓорче Петров – 255, Чаир – 151, Бутел – 127, Илинден – 51, Сопиште – 26, Сарај – 21, Петровец – 20, Шуто Оризари – 19, Чучер Сандево – 12, Арачиново – 10, Зелениково – 8, Студеничани – 6. Меѓу активнте на територија на Скопје има и 16 странци и 81 нераспределен.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 25 473, бројката на оздравени пациенти е 18 047, на починати е 874, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 6552.

Досега се направени вкупно 229.246 тестирања на Ковид-19.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 115 пациенти, од кои на кислородна поддршка се 90 пациенти. Нема пациенти на респиратор, но има четворица во ГОБ „8 Септември“, каде се хоспитализирани се 47 пациенти.

Во болницата во Козле хоспитализирани се седум деца и пет мајки позитивни на коронавирусот, а три деца и три мајки се суспектни.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 43, а во болницата во Штип се 53 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани и Кавадарци се хоспитализирани 262, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство вчера информираа дека имаат три случаи на позитивни на коронавирусот. Се работи за медицински сестри, кои се заразиле преку семеен контакт. Двајца доктори меѓу кои директорката на Клиниката, Викторија Јовановска се во самоизолација поради заболени членови на нивните семејства.

– Во овие седум месеци никој не се заразил на Клиниката. Нема никаква опасност да се заразат пациенти и персонал. Од понеделник уште еднаш ќе се тестираме, да имаме негативен тест и ќе одиме на работа, изјави д-р Јовановска.

Освен овој забележан случај, вчера од Кавадарци дојде информацијата дека две наставнички и 15 деца се во изолација, откако седумгодишен ученик добил позитивен резултат на Ковид-19 тест. Информацијата за МИА ја потврди доктор Ристе Јовановски, специјалист епидемиолог при кавадаречкиот Центар за јавно здравје.

Во Штип поради заразен наставник триесет и четири второоделенци од основното училиште „Тошо Арсов” и нивните две наставнички заминуваат во изолација. Тие имале физичка настава од наставник од предметна настава, кој е позитивен на коронавирусот.

Експанзијата на коронавирусот во целиот регион и пошироко, вчера ги собра министрите за здравство на состанок во рамките на Берлинскиот процес, за да разменат искуства и подобро да се координираат за поуспешно справување со ковид кризата. Учество во дискусијата зедоа претставници од Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Италија и Полска, како и претставници од ЕУ и неколку здравствени организации.

Министерот Филипче се заблагодари за поддршката од сите компании, амбасади, земјите од Европската Унија кои дадоа значителна помош во заштитна медицинска заштита, но и средства за зајакнување на здравствениот систем во услови на ковид. Тој ги информираше учесниците за поддршката и четирите пакет мерки од Владата за помош на граѓаните и компаниите и објасни како функционира здравствениот систем во услови на ковид.

– Здравствениот систем од почетокот на кризата е целосно реорганизиран. Во инфективните одделенија каде што се третираат пациенти со Ковид-19 работат доктори и медицински сестри по систем на ротација. Секаде во регионот, Европа и светот бројот на новозаразени и хоспитализирани се зголемува. Се надевам дека резултатот од овој состанок ќе биде воспоставување на систем на подобра размена на искуствата во однос на пандемијата предизвикана од коронавирусот заедно со земјите во регионот. Исклучително е важно со земјите од Западен Балкан да воспоставиме подобра координација со цел поуспешно справување со ковид кризата, потенцираше Филипче.

Вчера беа регистрирани 899 прекршоци за неносење маска на територијата на Република Северна Македонија.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата, со цел справување со Ковид-19.