Заболените со лесни симптоми да останат дома за во болниците да има место за оние на кои навистина им треба хоспитализација, апелира директорката на Инфективна – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/20 10:21 AM

Заболените со лесни симптоми да останат дома за во болниците да има место за оние на кои навистина им треба хоспитализација, апелира директорката на Инфективна

Почната е хоспитализација на пациенти во модуларната болница во непосредна близина на Kлиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Постои систем на мобилизирање медицински персонал, како среден медицински персонал, така и лекарски и специјалистички. Во моментот на испомош се дојдени колеги од интернистичките гранки и тоа е практично една екипа, еден тим кој работи и во клиничката зграда и во модуларната болница. Тоа е всушност една институција сега, изјави директорката на Клиниката, Милена Стевановиќ

Таа посочи дека модуларната болница има капацитет од 70 кревети, целосно е опремена за третман на пациентите со Ковид-19 и има централен довод на кислород до секое легло.

Стевановиќ апелира за придржувањето кон мерките како единствен начин за лична заштита и превенција од ширење на вирусот.

– Истите мерки важат насекаде во светот, многу едноставни и лесни за придржување. Само треба дисциплина, а таа сега ни е исклучително потребна. Држете дистанца, избегнувајте групирања, носете маска. Едноставно мораме да издржиме, заради нас, заради вас, заради нашите и вашите семејства. Граѓаните мора да ни помогнат, потенцира д-р Стевановиќ и додаде дека здравствените работници мора да ја издржат оваа битка.

Дополнително, таа апелира инфицираните со Ковид-19 во целост да ги следат препораките на стручните лица, матичните лекари.

– Сите оние кои имаат лесни симптоми да бидат дома, изолирани со симптоматска и витаминска терапија. Да им помогнеме на оние кои навистина имаат потреба од хоспитализација, додаде д-р. Стевановиќ.

 

МИА