Синдикатот на полиција во Македонија од Владата и од министерот Оливер Спасовски бара да воведат додаток за вработените во полицијата за борба против коронавирусот, бидејќи, како што посочуваат оттаму секојдневно се изложени на висок ризик од зараза.
-Вработените во полицијата секојдневно се изложени на висок ризик од зараза поради контактите со голем број луѓе. Тука ќе наброиме секојдневна посета на сите граѓани кои се во изолација кои се контролираат дали ги почитуваат мерките, секојдневните контроли на пунктовите, сложените задачи кои ги извршуваат работниците на специјалните единици во полицијата. Тоа е така затоа што работниците во Полицијата покрај медицинскиот персонал се најекспонираните на теренот при справување со кризата, велат од Синдикатот.
Бараат уште на наредната седница на Владата повторно да се преиспита нивното барање за исплата на сума од 15.000 денари, колку што предлагаат тие или 25.000 денари колку што предлага друг синдикат во МВР, како морална сатисфакција за својот труд кој секојдневно го вложуваат на терен.
-Сметаме дека во досегашното работење оваа грешка е ненамерно направена и веќе на наредната владина седница грешката ќе биде исправена, велат од Синдикатот на полиција во Македонија.
МИА