Планинарско-рекреативната акција „Милениумска патека” в недела на Сува Гора – ММС
ММС

Објавено на: 10/21/20 7:30 PM

Планинарско-рекреативната акција „Милениумска патека” в недела на Сува Гора

Планинарскиот клуб „Јелак “, во соработка со Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи и Македонската православна црква, на 25 октомври недела по трет пат ја организира планинарско-рекреативната акција „Милениумска патека” на падините на Сува Гора.  Ова е трета ваква акција на организаторите откако  прв пат патеката беше поставена и реализирана во 2018 година по повод јубилејот „1000 години Охридска архиепископија”.

-Акцијата тргнува од село Блаце, и завршува во село Волковија и е во категорија на лесни планинарско-рекреативни тури. Погодна е за почетници, постари планинари, рекреативци и вљубеници во природата со минимум кондиција за движење. Добредојдени се и поискусни кои имаат желба планинари, да се запознаат со ретко посетуван предел, кој сѐ до преклани воопшто не беше организирано посетуван во минатото. Поканети се сите поединци, планинарски клубови и друштва – информираат од планинарскиот клуб „Јелак”.

Долж патеката се поминува покрај повеќе православни цркви, археолошки локалитет – месност „Граиште” во Стенче, движење низ пределот каде е сниман култниот македонски филм „Македонска крвава свадба” и слично. Вкупната должина на патеката е девет километри.

Минатата година во рамки на акцијата беа засадени околу 150 дрвца долж „Милениумска патека”.