Не е само подобрата работа и парите причина за иселување на младите од државата. Трендовите за напуштање во последните години се и од неекономски причини – им пречи загадувањето, политиката, корупцијата, а во време на отворен свет и кога нема бариери за миграции, младите лесно си одат без да се двоумат.
Иако имаме Национална стратегија за соработка и спречување на одливот на млади и висококвалитетни кадри 2013-2020, таа не се спроведува, покажува анализата на Мрежата за спречување на одливот на мозоци – составена од седум граѓански организации кои работат на различни области поврзани со развојот на младите, младинските политики и права и младинското информирање.
Според анализата на Мрежата, која беше презентирана денеска на конференција, стратегијата е имплементирана само 11 проценти и главен заклучок е дека институциите треба суштински да му пристапат на проблемот и тој да биде приоритетен за решавање.
– Во изминатите седум-осум години оваа стратегија била само парче хартија која е зафрлена во фиоките, институциите не знаат дека постои, нема меѓуинституционална комуникација и заедничко дејствување. Проблемот е реален, постои и треба суштински да му се пристапи, рече Оливер Андреевски, претставник на Мрежата, на конференцијата насловена „Како институциите се справија со одливот на мозоци 2013-2020?”
Решенијата се очекуваат од надлежните институции, пред сè, од министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, а во анализата се дефинирани области кои се приоритетни според младите – образованието, економијата, владеењето на правото и државната администрација.
Марјан Ицоски од Мрежата за спречување на одлив на мозоци истакна дека младите се незадоволни од образованието и бараат итни реформи зашто сметаат дека тоа е на некој начин експеримент кој државата го прави сиве овие години. Потребна е дигитализација на образованието, кариерни центри и центри за иновации на самите универзитети.
– Потребна е нова стратегија која ќе ги спои нашите млади со младите од дијаспората, а нив, пак, ќе ги натера да се вратат во Македонија и да ги инвестираат своето знаење и пари да основаат бизнис итн. Меѓу другите институции кои се повикани е и Министерството за економија. Младите сметаат дека треба повеќе промовирање на актуелните мерки, како што е Фондот за иновации и технолошки развој, а исто така бараат и децентрализација на политиките во смисла да се отворат повеќе можности надвор од Скопје како главен центар на случувањата во Македонија. Потребно е давање глас на младите, повеќе вклучување во политиките и да бидат консултирани во сè што ги засега нив, кога ќе се носи одредена мерка, стратегија, политика. Институциите треба да се поотворени за нивните барања, рече Ицоски.
Соопшти дека работни групи на денешната конференција ќе креираат насоки за нова стратегија во соработка со надлежните министерства и институции и со вклученост на граѓанскиот сектор, која ќе биде, како што рече, пореална и финансиски применлива и ќе ги отсликува главните трендови што се случуваат сега. Очекува дека надлежните ќе бидат отворени и кооперативни.
-Треба целосна синхронизираност на сите институции зашто претходната причина за неимплементирање беше нивната некоординираност и незанење за стратегијата и неисполнување на своите обврски. Треба лидер-институција, но и сите активно да се вклучат во процесот. Тоа е единствен начин навистина да го ублажиме проблемот на одлив на мозоци, истакна Ицоски.
За бројот на иселени од државата нема статистика, туку претпоставени бројки и затоа беше потенцирана важноста од пописот кој не е организиран од 2002 година. Според Светска банка, во последните десет години половина милион граѓанин се иселелиле од земјава, од кои најголем дел се млади, посочија од Мрежата. Според податок од 2010 година, пак, 29 проценти од високообразовани млади живеат и работат во странство.
Во нивната анализа за Националната стратегија, како и од тркалези маси што ги имале со млади, утврдиле многу мал процент, односно 8 отсто од 1200 испитаници, кои сакале да останат во нашата држава, а според истражување на фондацијата „Фридрих Еберт”, две третини од младите сакаат да се иселат од земјава.
Проблемот со одлив на мозоци го имаат многу држави, особено тие во развој како што е и нашата, а кои се блиску до Европа и европските вредности. Тие земји имаат политики да ги привлечат иселените назад. Како успешен пример беше посочена Естонија која е целосно дигитализирана и има визии и бенефиции за млади луѓе во ИТ-индустријата да отвораат компании. Ирска 20-ина години работи на привлекување инвестиции од странство дома и да ги подобри условите за живот….
Организаторите на конференцијата посочија на овој тренд во земји по нивното влегување во ЕУ, како Хрватска, Чешка, Полска, Естонија, кои искусиле и поголем одлив на мозоци од минатото зашто не постојат формални бариери за иселување на младите, со препорака тоа да се предвиди и кај нас и да се реагира на време.