ВМРО-ДПМНЕ реагира дека Димова доделила проект на училиште во кое работат роднини на сопругата на Маричиќ, СДСМ демантира – Тушева не можела да има никакво влијание – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/20 3:36 PM

ВМРО-ДПМНЕ реагира дека Димова доделила проект на училиште во кое работат роднини на сопругата на Маричиќ, СДСМ демантира – Тушева не можела да има никакво влијание

ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција денеска реагира дека Димова доделила скоро 55.000 евра на училиште во кое работат роднини на министерот Маричиќ и неговата сопруга, СДСМ пак демантира дека Тушева имала какво било влијание врз одобрувањето на проектот.

– Денес, сакаме да поставиме неколку прашања во врска со проект кој е доделен на средно општинско училиште „Коле Нехтенин” од Штип, проект во вредност од над 54.000 евра, за едукација за туризам на Кипар. Дали за овој проект кој што го споменав претходно во вредност од 54.000 евра, главен протеже да го добие ова училиште во Националната агенција била Претседателката на Управниот одбор во истата агенција, Маринела Тушева, инаку сопруга на министерот за правда, Бојан Маричиќ? Бидејќи, прва братучедка на Маринела Тушева е Јулијана Саздова, наставник вработен во средното општинско училиште „Коле Нехтенин” кое го добило проектот, додека пак нејзиниот татко, а вујко на Маринела Тушева е Нако Ташков, инаку член на училишниот одбор во училиштето. Дали Маринела Тушева помогнала да го добие проектот училиштето во кое работи нејзината прва братучедка и нејзиниот вујко е член на училишниот одбор, наведе денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Од СДСМ пак преку соопштение ги демантираат и велат дека дека проектот е одобрен, дека за тоа се информирани Наставничкиот совет и Училишниот одбор. Не се завршени сите процедури околу проектот, не е потпишан договор за негова реализација и затоа се уште и не се префрлени средства од Националната агенција.

-Прво, лага е дека Маринела Тушева била претседател на управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, вистината е дека таа била член на Управниот одбор една година, во периодот 2017-2018 година и тоа како претставник на Министерството за образование каде и била вработена.Посочената Јулијана Саздова не е дел од проектот, a посочениот Нако Ташков не е вујко на Тушева, како што лажно тврди портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.Во однос на лагите од белиот дворец околу проектот, вистината е дека проектот е одобрен, дека за тоа се информирани Наставничкиот совет и Училишниот одбор. Не се завршени сите процедури околу проектот, не е потпишан договор за негова реализација и затоа се уште и не се префрлени средства од Националната агенција.Проектот кој во партнерство со организација од Кипар им овозможува на ученици од средното училиште од Штип пракса во хотели на Кипар е одобрен пред дваесеттина денови, така што целосно отпаѓа конструкцијата на ВМРО-ДПМНЕ за наводно влијание на Тушева, наведуваат од СДСМ.