Доделени наградите на Фестивалот за литература и илустрации за деца „Литера“ – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/20 1:19 PM

Доделени наградите на Фестивалот за литература и илустрации за деца „Литера“

На децата не треба да им создаваме искривен свет, не е сѐ „си живееја среќно до крајот на животот“ и затоа што преку книгата може да се отворат и многу табу теми. Можеме многу непријатни работи да кажеме преку приказна. Не смееме да им создаваме илузии на децата. Детето треба од најмала возраст да се соочува и со убавото и со грдото. И Андерсен го направи тоа и на некој начин ги коригираше некои моменти од Грим. Но, тие ги напишаа тие приказни и тие се од колективната меморија. Треба да бидеме отворени, искрени кон децата и да не ги потценуваме, зашто ако ги штитиме премногу  им правиме лошо – рече проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска на дебатата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“, што се одржа во Europe House Skopje, во рамките на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“.

Интересни прашања за местото на книгата и нејзиното значење во развојот на децата, какви илустрации сакаат децата, колку книгата може да помогне во надминување проблеми, каква е состојбата со македонската книга за деца – ова се дел од прашањата на кои, освен Мојсова-Чепишевска, разговараа и проф.д-р Владимир Мартиновски, психологот Христина Стефановска и Искра Димковска од издачката куќа „Сказнувалка“.

Фестивалот „Литера“ вчера во 19 часот во Europe House Skopje беше затворен и беа доделени награди за најдобро илустрирано дело и за најдобра детска книга. Награда  додели и „Халк банка“ за најдоброто дете-автор што твореше на фестивалот.

Викендов беа реализирани повеќе работилници, меѓу кои и со слончето „Халки“, со кое децата учеа за штедење.

Ова се наградите:

I категорија
*сликовници и книги-сликовници за предучилишна возраст

„Ежето Снеже“ од Неше Рамовиќ (илустрации на Иванка Нива) – издание на „Батев и Батев“

II категорија
*за деца од 6-13 години

„Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска (илустрации на Калиопи Трпчева) – издание на „Арс ламина“

III категорија
*за млади

„Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ од Билјана С. Црвенковска (илустрации на Нита Муча) како книга-нопак (книга што се чита одзади) издание на „Чудна шума“

*Најдобро илустрирано дело

„Бел“ на авторката Ника Гаврош, илустрација Ристо Аврамовски (издание на „Гаврош“)

*Најдобро дете-автор, награда на „Халк банка“

Јана Ѓорѓијевска, за песнаа „Еден змеј“

 

Фестивалот „Литера“ го организира Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од Скопје, а го помагаат: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје, „Халк банка“.