Почнува назначувањето на директорите, Владата ќе расправа и за разрешување на Димова – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/20 11:15 AM

Почнува назначувањето на директорите, Владата ќе расправа и за разрешување на Димова

Од денеска почнува назначувањето на директорите на институциите кои се под надлежност на Владата, соопшти денеска премиерот Зоран Заев, откривајќи дека за директор на јавното претпријатие за државни патишта ќе биде назначен Ејуп Рустеми.

– Дел од одлуките ќе бидат донесени денеска. Дел ќе бидат донесени одлуки за распишување на конкурс бидејќи има институции кои своите раководни места ги бираат на конкурс. Има и дел од одлуки со кои ќе се дадат јасни упатства на управни и надзорни одбори поставени од Владата за политичко постапување на раководни места, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по одржувањето на Меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања”.

Верува дека овој процес ќе биде завршен за 10-15 дена, освен за оние места каде раководните лица се избираат на конкурс.

На денешната владина седница е најавено дека ќе биде разгледан и предлогот за разрешување на директорката на Националната агенција за европски програми Лидија Димова.

Според премиерот, има доволно аргументи за таа да биде разрешена од етички причини.

– Лично јас, тој предлог ќе го поддржам, односно доколку Владата се согласи, ќе дадеме сугестии до Управниот одбор да постапи заради етички дел. Другиот дел е нешто што го работат други институции, а тоа е за евентуална кривична одговорност за незаконско работење. Има доволен етички дел каде што треба да се понесе одговорност и се согласувам дека Владата треба да реагира за вакви прашања, нагласи Заев.

Во однос на предлогот на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците да се формира широка техничка влада за справување со пандемијата, премиерот Заев рече дека секој предлог е достоен да биде разгледан, но оти сепак верува дека Владата има доволен капацитет да се справи со предизвиците.

 

МИА