Иран со предупредување откако во земјата паднаа заталкани проектили од конфликтот во Нагорно Карабах – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/20 7:30 AM

Иран со предупредување откако во земјата паднаа заталкани проектили од конфликтот во Нагорно Карабах

Иран денес соопшти дека безбедноста на нивните граѓани е црвената линија, откако заталкани проектили го погодија подрачјето на Иран како резултат на тековниот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Иран ќе одговори на која било агресија, дури и на ненамерната“, соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи, Саед Хатибзаде, кој беше цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.

Тој изјави дека Иранските вооружени сили веќе ги испратиле потребните предупредувања на спротивставените страни во конфликтот во Нагорно Карабах.

Минатата недела десет проектили паднаа во две села во областа Худаферин во иранската покраина Источен Азербејџан, јужно од ерменско-азербејџанската граница, при што беше повреден еден цивил.

Портпаролот на Техеран ги предупреди Ерменија и Азербејџан по инцидентот. „Следен пат, Иран нема да остане рамнодушен“, предупреди тој.

Пограничните судири избувнаа на 27 септември, кога ерменските сили започнаа со напади врз азербејџанските цивилни населби и воени позиции, кои резултираа со жртви.

Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.

Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.

Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.

Франција, Русија и НАТО, меѓу другите, повикаа на итен прекин на судирите во окупираниот регион.