Поминаа дваесет дена од смртта на родилката во штипската Клиничка болница, а Комисијата формирана од Министерството за здраство се уште работи на утврдување на причините за смртта. Директорот на Штипската клиничка болница доктор Ален Ѓорѓиев вели дека комисијата била во болницата направила истражување, но резултатите се уште не се доставени.
-Комисијата формирана од Министерстерот за здраство беше овде и го заврши својот дел од работата.Тие треба да напишат извештај, кој најверојатно ќе го достават до оние кои што ја формирале комисијата. Ние засега немаме никаков пишан документ, ниту од комисијата, ниту за обдукцијата, која се изврши врз починатата родилка.-вели Ѓорѓиев
Потпаролката во Министерството за здравство Анета Ангеловска вели дека извештајот се уште е во фаза на изработка. Во скоро време треба да биде готов по што веднаш ќе биде споделен со јавноста.
Дваесетиосум годишната Маја Панева од Свети Николе почина на Штипската клиничка болница на 14 јуни. Ден пред тоа во 21 часот по природен пат на свет донесе здраво машко дете.
Состојбата и се влошила во текот на ноќта, а битката со животот ја загуби утрото во 7 часот. Се очекува Комисијата формирана од Министерот за здраство, да ја каже причина за смртта на младата жена.