Лекарска комора: Да не се злоупотребува трагедијата на д-р Нешковски – ММС
ММС

Објавено на: 10/15/20 3:54 PM

Лекарска комора: Да не се злоупотребува трагедијата на д-р Нешковски

Лекарска комора на Република Северна Македонија реагира на пишувањата по социјалните мрежи околу смртта на д-р Трајче Нешковски по собраќајката која се случила откако добил срцев удар додека возел на улица „Рузвелтова”, по што се судрил со автомобилот во дрво.

-Сметаме дека до добивање на извештаите од истрагата и обдукцијата на докторот е некоректно да се истапува со вакви постови за докторот кој во изминатите месеци пожртвувано работеше во ковид центрите низ Републиката. Да не заборавиме дека тој самопрегорно и пожртвувано се бореше за животите на нашите граѓани кои беа инфицирани од ковид 19 во текот на специјализацијата која ја извршуваше во ЈЗУ Клиника за пулмологија и алергологија Скопје, стои во соопштението на комората.

Според нив партиската определба е лична работа на секој поединец и сметаат дека вакви трагедии не треба да се злоупотребуваат во партиски цели. Дополнително, тие апелираат до медиумите да се оградат до добивање на официјалните информации од надлежните служби на МВР и Судска медицина и воздржат од понатамошни коментари за трагедијата во која загина нивниот колега.