Граѓаните на Струга ги истакнаа своите потреби пред Локалниот совет за превенција – ММС
ММС

Објавено на: 10/15/20 12:58 PM

Граѓаните на Струга ги истакнаа своите потреби пред Локалниот совет за превенција

Препознавање на важноста на Локалниот совет за превенција како механизам од областа на превенцијата за заедничка и здружена акција во насока на обезбедување и решавање на актуелните потреби, проблеми и предизвици во заедницата беше во фокусот на работилницата за членовите на ова тело што се одржа денеска во Струга во рамките на проектот на ЗГ Медиа плус од Штип. Во присуство на членовите на ова тело и претставници на граѓанскиот сектор, беше презентирана законската рамка за работата и можноста за вклучување на експертизата на граѓанскиот сектор во различните меѓусекторски теми за расправа од интерес на граѓаните на Струга.  Со оглед на тоа дека превенцијата е клучниот аспект во работата на Советите, од особена важност е да се нагласи потребата од негово активирање и функционалност.

Пред одржување на работилницата, во рамките на потпишаниот меморандум за соработка со Општина Струга, потребите на граѓаните од областа на безбедноста и превенцијата, беа нотирани преку фокус групи и анкетен прашалник. Граѓаните бараат поголема будност на институциите и поголема соработка во решавањето на овие прашања:

  • Сообраќаен метеж, брзо возење, непрописно паркирање, отстранување на паркирсните нефункционални стари возила, бучавата што се создава и недостатокот на паркинг простор;
  • Узурпирање на јавен простор (како поставување на огревни дрва по улица, паркови), особено во летен период, кога има зголемена фрекфенција на луѓе и сообраќај, а узурпирани се улиците и тротоарите;
  • Проблем со крадежби и недобивањето информации за решавање на предметите.
  • Комунални проблеми, како неодржувањето на јавни површини, кучиња скитници,палење на стрништа;
  • Не се листат редовно каналите во надлежност на Водостопанство;
  • Подрумите во куќите покрај езеро се полнат со вода од подземни води;
  • Инспекторите реагираат, но, институциите си ја префрлаат одговорноста.

Работилниците се дел од проектот  „Здружени сме посигурни и побезбедни“ на Здружение на граѓани Медиа плус се спроведува во осум општини: Штип, Свети Николе, Битола, Струга, Карпош, Гостивар, Гевгелија и Крива Паланка во рамките на програмата Цивика мобилитас. Активностите на проектот се во функција на засилување на соработката на граѓаните и граѓанските организации со Локалните совети за превенција и безбедност. Целта е да се придонесе за зголемено граѓанско учество, што ќе има за резултат поуспешно решавање на проблемите на граѓаните.