Црвен картон, пенал и само 1:1 со Грузија: Македонија неубедлива на генералната проба во Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 10/14/20 10:24 PM

Црвен картон, пенал и само 1:1 со Грузија: Македонија неубедлива на генералната проба во Скопје

На генералната проба во рамки на четвртото коло од групната фаза во новиот циклус во Лигата на Нациите, македонската фудбалска репрезентација изигра нерешено 1:1 на арената „Тодор Проески“ и се задржа на врвот на групата пред Грузија, Ерменија и Естонија.

Заморот од густиот распоред, но безидејноста во големиот дел од натпреварот, продуцираше бледо издание на македонските фудбалери против Грузија, дополнително обремено со исклучувањето од игра на голманот Столе Димитриевски во 67 минута.

Излетувањето на чуварот на мрежата на Рајо Ваљекано, полскиот арбитар строго го санкционираше, а мадиот играч од средината на теренот, Квича Кваратшкелиа, три минути откако влезе во игра му донесе водство на својот тим.

Нашите момци и покрај сериозниот хендикеп, во продолжението на дуелот се обидуваа да дојдат до изедначување, кое во перспектива би можело да значи и прво место во групата и промоција во групата Б од Лигата на Нациите.

Мешаницата во петте минути од судиското надополнување, резултираше со фаул над Ѓоко Зајков и досуден пенал кој популарниот Џани Алиоски рутинирано го искористи.

Пред натпреварот вреден Европско првенство 2021 година, на 12 ноември во Тбилиси, се чини дека ова претставуваше убава прилика да се одмерат уште еднаш силите со опонентот и да се увидат навремено недостатоците кои очигледно постојат во нашиот колектив.

Грузија и Македонија во групата имаат по шест бодови и по 1:1 резултат од двата дуели на овие две репрезентации, но подобрата гол разлика ја остава Македонија прва во групата со шест освоени бодови. Ерменија има еден помалку, а Естонија само два поени од четири одиграни мечеви. На последните два натпревари Македонија ќе ги вкрсти копјата со Ерменија во гости и со Естонија на домашен терен во Скопје.