Социјалдемократите од Кавадарци побараа оставка од пратеничката функција на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во овој град, Зоран Јованчев, бидејќи минатата недела против него кавадаречката полиција поднесе кривична пријава за бесправно градење.
Претседателот на ОО СДСМ Кавадарци, Горан Тодоров, на прес конференција рече дека Јованчев не бил достоен да биде пратеник, поради направеното кривично дело и веднаш да поднесе оставка, а потоа да одговара за истото низ транспарентна судска постапка.
„Ова не е прв пат функционери на ВМРО-ДПМНЕ да бидат фатени во нелегални и незаконски дејствија. Ова е уште еден од низата примери за неодговорно и незаконско однесување на ВМРО-ДПМНЕ. Јавно прашуваме дали Зоран Јованчев во периодот од 2016 до 2017 година извршил измама на раководството на ЈП Комуналец, за да биде приклучен на водоводот Лукар. Бидејќи се работи за дивоградба, лицата вработени во Комуналец сториле кривично дело, злоупотреба на службена положба. Бараме од ЈП Комуналец да излезе со информации и против сите инволвирани во овој случај да преземат соодветни мерки. Ги повикуваме надлежните институции да спроведат темелна и ефикасна постапка за да се дојде до разрешница на овој случај“ вели Тодоров.
Од СВР Велес информираа дека Јованчев во периодот од 2016 до 2018 година изградил куќа на место викано Катуниште- Моклиште без да поседува одобрение за градба.
Ангел Данов