Штип: Јане Миланов избран за в.д. градоначалник до изборите во декември – ММС
ММС

Објавено на: 10/14/20 3:02 PM

Штип: Јане Миланов избран за в.д. градоначалник до изборите во декември

На денешната он-лајн седница на штипскиот совет, свикана на овој начин порад здравствената криза и заштита на јавното здравје, досегашниот заменик градоначалник Јане Миланов е избран за в.д. градоначалник и оваа функција ќе ја извршува до одржувањето на вонредните избори за градоначалник на општина Штип во декември.

Миланов беше и единствен предлог за оваа функција предложен од страна на советник во Советот.

Тој беше избран едногласно од присутните на онлајн седницата на која што не зедоа учество советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

Тие пред почетокот на седницата одржаа прес-конференција на која што го искажаа својот револт поради начинот на одвивање на седницата, за што не биле ниту консултирани ниту информирани. Според нив овој начин на работа на советот, во услови кога работат и конфекциите и рестораните, е само начин да се прикријат нерегуларностите  во  работата на Советот.

Со реакција и образложение за одржувањето на онлајн седницата се јави  претседателката на Советот Маријана Рогожарска Поповска.

„ По добиена информација од страна на дел од советниците дека биле во директен или индиректен контакт со лица кај кои е потврдено присуството на COVID 19, поради што како одговорни граѓани се одлучиле за мерката самоизолација, како претседател на советот на Општина Штип донесов одлука  40 седница на советот да се одржи online. Ваквата одлука е донесена еднинствено во насока на заштита на јавното здравје“, се вели во образложението на претседателката на Советот.

„Жалам што советниците од редовите на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата не беа дел од  online седницата иако беа уредно известени за причините поради кои дојде до промена на начинот на одржување на седницата. Со ова само  потврдија   дека за нив не се важни интересите на граѓаните и непреченото функционирање на Општината, туку приоритет им се ситните политички поени кои би ги добиле ставајќи ги во заблуда граѓаните на Штип“, додава Рогожарска Поповска во образложението.

Според деловникот за работа на општина Штип предвидена е можност за одржување на онлајн седници доколку за тоа постои причина и оправданост.