Градоначалникот го прекопал центарот на градот за да најде злато- Паланчани озборуваат, Борјанчо Мицевски демантира – ММС
ММС

Објавено на: 10/14/20 9:48 AM

Градоначалникот го прекопал центарот на градот за да најде злато- Паланчани озборуваат, Борјанчо Мицевски демантира

Паркот и плоштадот во Крива Паланка се раскопани  и со месеци оставени на половина. Според кривопаланчани постојат неколку причини за застој во работењето. Една од нив е дека општината почнала да го реновира центарот на градот, па наводно снемало пари за да го завршат. Другата причина е дека проектот бил погрешен, во него имало многу недостатоци, додека третата, пак, е за верувале или не-  центарот е прекопан бидејќи наводно барале злато.

Дел од паланчани, кои се познати по својата духовитост, сепак, веруваат дека причината дека раскопување на центарот е само заради потрага по злато.

-Со години се зборува дека во градот и околината е закопано злато од времето и не е чудно што половина град е убеден дека сега се копа заради тоа. Ова е поткрепено и со тоа дека не ретко доаѓаат непознати кои се рашетуваат по планините под изговор дека берат чај. Сите знаеме дека на времето ова беше главен пат кон Бугарија. Додека не се направи обиколницата патот поминуваше низ Крива Паланка. Тука поминувале многу богати трговци, па за да не им го украдат златото по патот го криеле, го закопувале, велат дел од жителите на градот, кои се убедени во оваа приказна.

Други, пак, сметаат дека наводно е направен лош проект за реновирање на плоштадот и паркот, во кој не биле предвидени подземните инсталации, па поради тоа има застој.

-Приказната за златото е само духовитост на паланчани. Во 50тите години е направен потпорен ѕид на реката за да се добие во простор и да се направи плоштадот и паркот. Застојот во работите е само поради лош проект, во кој не се предвидени многу потребни работи, велат други.

Во потрага по вистината,сепак, одговор побаравме од градоначалникот Борјанчо Мицевски, кој е најодговорен да ја разреши оваа дилема на кривопаланчани.

– Плоштадот и паркот се реновираат. Вистина е има краток застој заради решавање на непредвидени активности околу подземните инсталации,  но наскоро ќе продолжи да се работи. Дезинформации се и дека немало проект за градба или лош проект. А за златото. Да се насмееме. Секако дека се дезинформации и дека се бара злато. Откако почнавме да реновирме се изнаслушав многу работи, ама ова за златото се само чаршиски муабети, рече Мицевски за ммс.