Прашања и теми во насока на надминување на истриографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на Комисијата ќе бидат ставени на маса на десеттата средба на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, која ќе се одржи утре и задутре во Скопје.
На средбаta, која се одржува по долга пауза во работата на Комисијата, предвидено е да се заврши со веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Северна Македонија.
-По долга пауза како последица на Ковид 19 пандемијата, на 15 и 16 октомври во Скопје, ќе се одржи десеттата средба на Комисијата. На средбата ќе бидат разгледувани прашања и теми во контекст на надминување на историографските спорови кои претставуваат пречка во градењето на добрите односи и пријателство помеѓу двата народи и двете држави. Покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи, велат од македонскиот тим на Комисијата.
По завршувањето на средбата в петок на 16 октомври во 17:45 часот во Клубот на пратеници е предвидена заедничка изјава за медиумите на двајцата копретседатели на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонка страна и Ангел Димитров од бугарска страна.
Десеттата средба е прва средба на Комисијата оваа година. Во јуни, Комисијата одржа еден виртуелен состанок на кој се дискутираше за содржината на записникот од деветата средба.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која треба да се произнесе за заедничко одбележување личности и настани од заедничката историја и да помогне во надминување на различните толкувања, досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев.
Досега, за период од две години Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 клас/7 одделение.
Се поврдија проценките и од двете страни дека најмакотрпен период за разгледување ќе бидат токму настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења, кои се јавуваат на територијата на земјава, каде што има сериозни разидувања во двете историографии.
МИА