Трансјадранскиот гасовод (ТАП) во значителен дел е завршен по скоро четири и пол години од почетокот на неговата изградба, соопшти денес компанијата, пренесува агенцијата Анадолија (АА).
Според соопштението, гасоводот ТАП е полн со природен гас од грчко-турската граница до терминалот за прием во јужна Италија.
„ТАП во моментов ги финализира подготовките за започнување на комерцијалното работење и ги нуди своите капацитети на пазарите“, соопшти компанијата.
Се додава дека точката за интерконекција помеѓу гасоводот ТАП и системот за пренос на природен гас на „Snam Rete Gas“ во Апулија (Италија) е во завршна фаза и треба да биде подготвена за транспорт на гас до средината на ноември годинава.
ТАП ќе пренесува природен гас од големото поле на природен гас „Шах Дениз II“ во азербејџанскиот сектор на Каспиското Море кон Европа.
Гасоводот долг 878 километри се поврзува со Трансанадолискиот гасовод (ТАНАП) на турско-грчката граница во Кипои, минува низ Грција и Албанија и Јадранското Море, пред да излезе на брегот во јужна Италија.
„Рутирањето на ТАП го олеснува снабдувањето со гас на неколку земји од Југоисточна Европа. Излегувањето на ТАП во Италија дава повеќекратни можности за понатамошен транспорт на каспискиот гас до пошироките европски пазари“, се вели во соопштението.
Како клучен дел од Јужниот гасен коридор, ТАП е стратешки и економски важен за Европа и е од суштинско значење за обезбедување сигурен пристап до нов извор на природен гас.
„ТАП игра значајна улога во зголемувањето на енергетската обезбеденост на Европа, диверзификација на снабдувањето, како и целите за декарбонизација“, порачаа од компанијата.
Дел од ТАП се компаниите БП, СОКАР и Снам, секоја со удел од 20 отсто, Флуксис со 19 отсто, Енагас со 16 отсто и Акспо со 5 отсто.